сабота, 30 ноември 2024

Јораднов: Не може сите општини да добиваат ист поврат на ДДВ, а тие да не ги враќаат парите кај граѓаните

Објавено на

часот

Сподели

„Мора да се стимулираат и мотивираат општините. Доколку поголем процент од оперативниот буџет го враќаат во форма на капитални инвестиции, тогаш да имаат поголемо право на поврат на данокот на додадена вредност или пак доколку го зголемат процентот на наплата на примарните и основните приходи, коишто ги имаат, од овој критериум да зависи процентот на децентрализација“, вели Јорданов.

Посочува дека барањето за анализа и преиспитивање за фискалната децентрализација ќе го достават до централната власт. Тој во интервјуто, вели и дека државата не го почитува критериумот за распределба на средства за пожарникарите, односно помалите општини добиваат повисоки блок-дотации за платите на пожарникарите, во однос на поголемите општини како што се Штип и Куманово.

„Обврските што ги имаме стекнато за функционирање на одредени институции, како што е Територијалната противпожарна единица се неодржливи, затоа што добиваме блок-дотации што не се доволни за исплаќање на плата на вработените, а не пак да размислуваме за добивање на блок-дотации за тековно одржување, за обнова на опрема, инвестирање во модернизација на ТППЕ-Штип и за другите дополнителни трошоци што ги имаме на месечно ниво“, потенцира Јорданов.

Градоначалникот на Штип во интервјуто говори и за тоа дека општините почнуваат да се соочуваат со недостиг на стручен кадар за одредени сектори, потоа за општинската обврзница, капиталните проекти, јавниот градски превоз, а открива и дека за решавање на најгорливот проблем на штипјани, а тоа е водоснабдувањето, потребни се над пет милиони евра.

Општина Штип е првата  општина, која достави барање за издавање на општинска обврзница. Имавте прв неуспешен обид, сега во тек е втор обид.  Станува збор за обврзница од четири милиони евра.

Ние во изминатата година имавме еден неуспешен обид, а оваа година ги проследивме сите потребни одлуки за да дојдеме до можност за издавање на првата општинска обврзница, со којашто се надеваме дека ќе се реализираат одредени капитални инвестиции. Во финална фаза е носењето на потребните одлуки за издавање на општинската обврзница, моментално се наоѓа проспектот, којшто е доставен до Комисијата за хартија од вредност. Се надевам дека веќе во текот на следната недела на првата седница на Комисијата за хартии од вредност ќе се даде позитивно мислење, одлука за издавање на општинска обврзница, којашто со соодветна потврда од Министерство за финансии ќе се проследи до седница на Влада, на која треба да се најде точката за издавање на обврзницата. Знаете дека претходната година не дојде до ставање на дневен ред на оваа точка од неразјаснети, необјективни причини. Се надевам дека овој пат политичките недоразбирања ќе се надминат во интерес на граѓаните, независно од тоа, кој во овој момент е градоначалник, која е централна власт. Ова се проекти што ќе ги користат сите граѓани, без разлика на нивната политичка, етничка и верска определба. Така што сметам дека во време на ваква инфлација кога цените на чинење на материјалите, елементите за реализација на одредени капитални проекти од месец во месец се зголемуваат, неопходно е да пркосиме на оваа време, односно да ги искористиме сите ликвидни финансиски средства, како и да најдеме различни начини финансирање на проекти со цел проектите да ги реализираме во овој момент затоа што нивната вредност по две, три или четири години сигурно ќе биде многу поголема. Тоа е нашата цел, се надевам дека ќе стигнеме до реализација и дека ќе има консензус во интерес на граѓаните.

Со овие четири милиони евра, што може да се направи, односно да се реализира како капитални проекти?

На седница на Совет ги наведовме проектите што планираме да се реализираат преку оваа општинска обврзница, а знаете дека Штип годините наназад има потреба од нова инфраструктура од развојна компонента. Никогаш како град сме немале капацитет, ниту пак реално оперативен буџет, којшто може од една тековна буџетска година да ги реализира ваквиот тип на проекти, од причина што оперативниот буџет на една општина е најчесто за одржување на тековна инфраструктура што претходно е изградена. Доколку сакаме да го развиваме нашиот град, да изградиме нови булевари, сообраќајници дефинитивно мораме да најдеме друг начин на финансирање, различен од тековниот буџет. Токму затоа се одлучивме за ваквиот чекор преку оваа општинска обврзница го финансираме вториот дел од обиколницата на којашто веќе еден дел е реализиран и завршува пред населбата Пребег. Треба да продолжува од населбата Пребег и населбата Железничка до викенд населбата и индустриската зона Плуждино, со соодветна инфраструктура, како што е главна водоводна линија, а којашто ќе даде можност за развој на тој дел од градот. Знаете дека таму имаме природни ресурси, минерална, термална вода што не е искористена од причина што нема соодветна инфраструктура, ниту водоводна линија, ниту пак пристапен соодветен пат. Дополнително е тоа што општината ќе располага со земјиште што ќе може да го продаде за урбанизирање на тој дел и да инкасира средства, со коишто ќе се врати оваа инвестиција, во форма на обиколница. Другиот проект за којшто сметам дека е клучен за подобрување на инфраструктурата, а би се финансирал преку општинската обврзница, е продолжување на булеварот „Партизанска“, којшто во моментов е небезбедно сообраќајно решение. Сметам и дека населбата Осми Ноември со населбата Баби треба да се поврзат на поурбан, помодерен начин. Ова се проекти што ги имаме со одобрение за градба, а од проектите што би ги наброил и коишто би можеле да се реализираат преку оваа општинска обврзница, би ја потенцирал и турбината за производство на електрична енергија на филтер станицата на ЈП „Исар“, за практично да ја стабилизираме финансиската состојба, во којашто се наоѓа јавното претпријатие и еден дел од трошоците што се генерираат на месечно ниво да ги намалиме преку инсталирање, вградување на оваа турбина која ќе произведува електрична енергија 24 часа и со тоа ќе придонесе ЈП „Исар“ да има свој приход, кој ќе го намени за покривање на трошоците на месечно ниво. Ова се само дел од оние суштински потреби на нашиот град што не можат да се финансираат во една година од тековниот буџет, но доколку се направи едно рационално планирање на враќање на овие средства, по еден амортизационен план, сметам дека има капацитет. Градот, граѓаните ќе бидат задоволни со овие нови капитални инвестиции и дополнително што ќе се отвори нов потенцијал за прибирање на основни приходи, коишто би ја вратиле обврзницата.

За една и пол година од вашиот мандат, што сработивте, какви капитални проекти реализиравте за градот, односно за Општина Штип?

Една и пол година навршува веќе од мојот мандат и најголем дел од работите на коишто сме фокусирани, како што претходно напоменав, е тековното одржување. Ние, луѓето кои се занимаваат со политика, најчесто сакаме да милуваме да кажеме дека сме реализирале капитални инвестиции. Но, сето она што го правиме како општинска администрација, како локална самоуправа е тековно одржување. Реставрација на постоечки сообраќајници, на постоечки улици и дополнително она на што најмногу вложуваме средства и внимание е во секое населено место да направиме спортски содржини, каде што младите ќе се рекреираат, ќе спортуваат. Нормално има и други содржини, кои се неопходни за нашиот град, подобрување на инфраструктурата, на пример во централното градско подрачје решавање на сообраќајниот метеж и просторот на паркирање е наш приоритет. Работиме на конзолите на реката Отиња, низводно од двете страни со цел да ги прошириме двете главни сообраќајници, за одредени делови од денот да не се случува сообраќаен метеж. Очекувам од овој месец, затоа што во финална фаза е тендерирањето на мостот на реката Отиња, да продолжи и изградбата на конзолите, реконструкцијата на Градскиот плоштад, којшто е лицето на градот, со скромни средства. Во завршна фаза веќе е и изборот на изведувач, којшто ќе ја прави долгонајавуваната катна гаража, која ќе се наоѓа веднаш до Домот на културата „Ацо Шопов“. Следниот месец очекуваме да заврши и постапката на втората локација, а таа се наоѓа на почетокот на улицата „Ванчо Прќе“, помеѓу стоковна куќа „Нама“ и станбена зграда. Го решаваме и паркинг просторот со ваква катна гаража и веднаш до зградата „Промаја“, кое е едно тесно грло во градот и бара дополнителни паркинг места. Водиме постапка за набавка на нови автобуси, со кои, после 20 години, ќе воспоставиме јавен градски превоз, којшто ќе придонесе за решавање на овој горчлив проблем, а тоа е сообраќајниот метеж. Исто така во време на инфлација, зголемени цени на такси услугите, ќе придонесе и ќе овозможи на граѓаните од приградските населби да можат во текот на денот да комуницираат, да се превезуваат за многу поевтини средства.

Кога сте веќе кај јавниот градски превоз ми се чини дека оваа постапка се одвива долго време. Зошто?

Со оглед на тоа што имавме еден друг модел на воспоставување на јавен градски превоз, а тоа е да ги искористиме веќе постоечките транспортерни компании, кои ги превезуваат учениците и имаат набавено автобуси. Општината во овој случај сакаше да се појави како некој, којшто ќе ги субвенционира картите за јавниот градски превоз, а да се искористат постоечките транспортери, постоечките автобуси, коишто се наоѓаат на територија на Општина Штип. Имавме два неуспешни повика и одлуки на Совет за да се пријават транспортери, кои ќе ги превезуваат и граѓаните не само учениците, не најдовме разбирање и не ги мотивиравме до тој степен приватните превозници и затоа моравме да бараме друг начин на воспоставување на јавен градски превоз, а тоа е во рамки на постоечкото јавно претпријатие „Стипион“ да се додаде дејност, којашто ќе биде за управување со јавен градски превоз. Тоа е причината, поради која една година се пролонгира периодот на воспоставување на јавен градски превоз. Во фаза сме и во постапка на тендерирање за набавка на овие автобуси. Нормално, претходно се направи  анализа, студија на бројот на превозници и линии, коишто треба да се воспостават. Сето тоа од нас бараше една сеопфатна анализа, којашто ќе ја даде оправданоста на средствата, коишто ќе се потрошат за јавниот градски превоз. Свесно влеговме во реализација на овој проект и покрај тоа што знаеме дека тоа ќе бидат големи финансиски трошоци од буџетот на Општина Штип, затоа што јавниот градски превоз само по себе не може да биде ликвиден, затоа што картите, што ќе ги плаќаат граѓаните се со еден симболичен износ. Затоа направивме анализа, колку потребни средства ќе бидат доделени од страна на Советот на Општина Штип на јавното претпријатие кое ќе го организира градскиот превоз, за да може истото да опстојува и да функционира. Така што овие се потребните анализи кои претходеа на процесот на набавка на автобуси.

Дали Штип во септември ќе има јавен градски превоз?

– Да, веќе сме во финална фаза и тоа е нашата цел на почетокот на учебната година, не само граѓаните, туку и учениците, да добијат превоз. ЈП  „Стипион“  ќе го организира превозот со модерни, најнови автобуси според сите стандарди.

Под ваши ингеренции се образовните институции, основните, средни училишта и градинките. Но имате сериозен проблем, менаџерите не можат да полагаат испит во Државниот испитен центар. Ќе имаме ли ситуација во Штип да нема кој да ги менаџира училиштата и на општината да и се одземат ингенерциите. Гледаме дека ингеренциите за градинките се одземени на една општина?

„Оваа тема неколку пати ја актуелизирав, а како што напоменавте и Вие на почетокот на разговорот, помина година и пол од мојот мандат, од новата локална власт. Навистина е невкусно да се спречува одреден наш сограѓанин да се стекне со соодветна квалификација со соодветен менаџерски испит и да се ограничи неговото право за избор, односно за именување на директор. Жалам што политиката кај нас е навлезена во секој сегмент на општеството и сме нејзини заложници. Сметам дека има општи работи што не треба да бидат делигирани оставени на политичарите, затоа што во овие образовни институции (градинките), згрижувачкиот процес се нашите деца. Ако врз нив се рефлектираат последиците од политиката, тогаш сите губиме. Губиме сите, затоа што во овие институции се згрижени децата на политичките чинители и на едната и на другата политичка партија и не смее да се доведе прашањето на функционалност на образовните институции на градинките на политичка одлука. Жално е тоа што се случува во Македонија. Се надевам дека ќе се надминеме сите ние кои сме активни во  политиката и дека за овие прашања ќе дојде ден кога нема да се носи политичка одлука, туку ќе има акламативен конзенсус во носењето на одлуките. Ги споменавме сега образовните институции, коишто година и пол не можат да добијат менаџери, директори затоа што не се дозволува да се стекнат со основното елементарно право, со соодветна квалификација. Во исто време имаме градинки на територија на Општина Штип, коишто се остават на персоналот што се грижи целодневно за нив, не се доделуваат и одобруваат согласности да се вработат воспитувачите или негователи на испразнетите места по основ на пензионирање. Тоа е хроничен проблем за сите институции. Тоа е нешто што нам ни создава проблеми во функционалноста на институциите и тоа се работи, коишто не треба да бидат зависни од политиката. Се надевам дека еден ден во Македонија, без разлика кој ќе биде на локална или на централна власт, ќе ги надминеме разликите и овие прашања нема да бидат доведени до политички одлуки.

Кога сме веќе кај процесот на децентрализација, овие институции се децентрализирани. Дали имате проблеми со функционирањето на оние институции кои се децентрализирани, како што е Територијалната Противпожарна единица (ТППЕ), училиштата и градинките?

Ние комуницираме и со нашите колеги од другите соседни држави, каде што фискалната и административната децентрализација е на многу повисок процент. Компаративно со Република Македонија, една соседна Србија, Босна и Херцеговина и една Хрватска, којашто е дел од ЕУ, многу поодамна имаат направено повисок степен на децентрализација. Доколку сакаме да ги решаваме проблемите на граѓаните, тогаш мораме да имаме повисок степен на децентрализација. Конкретно, ние со постоечката децентрализација, чијашто првата фаза се одвиваше во 2005, а сега втората фаза се одвива во овој момент, имаме стекнато одредени обврски, права. Но, обврските што ги имаме стекнато за функционирање на одредени институции, како што е Територијалната противпожарна единица се неодржливи, затоа што добиваме блок-дотации кои не се доволни за исплаќање на плата на вработените, а не пак да размислуваме за добивање на блок-дотации за тековно одржување, за обнова на опрема, инвестирање во модернизација на ТППЕ-Штип и за другите дополнителни трошоци што ги имаме на месечно ниво. Како локална самоуправа, ако располагаме со одреден оперативен буџет што го прибираме по основ на даноци и којшто и така компаративно е најмал со другите држави од Балканот, го трошиме тој буџет, кој треба да го вратиме назад кон граѓаните во форма на капитални инвестиции, за ваквите основни обврски, коишто со децентрализацијата се обврска на централната власт. Тогаш немаме развој. Затоа и години наназад граѓаните не паметат капитална инвестиција затоа што системот е поставен да немаме доволни средства за да имаме развојна компонента во општината. Ова е проблем што ги засега сите општини, сите градоначалници.

Дали имате решение на овој проблем со противпожарните единици?

Да, направивме еден состанок со ЗЕЛС,а веќе се донесе и записник со којшто бараме од Министерството за одбрана, од коешто ги имаме добиено надлежностите за Територијалните противпожарни единици да имаме критериум на исплата на блок-дотации, затоа што по Законот за пожарникарство за секоја општина бројот на вработени во ТППЕ зависи од бројот на жители. На 1.500 жители е потребно да има еден пожарникар, не може блок-дотациите да се носат врз основа на друг критериум, односно висината на блок-дотациите да бидат донесени врз друг критериум, туку исклучиво по бројот на жители на општината. Ако некоја општина има поголем број на вработени во ТППЕ врз основа на тоа што Законот за пожарникарство утврдил колкав треба да биде тој број, во тој износ треба да бидат и блок-додатоциите. Кај нас тој критериум го нема и затоа се создаваат овие анимоизитети, оваа недоверба и оваа нефункционалност. Поголем дел од средствата што треба да завршат кај граѓаните, ние ги трошиме за некои намени, коишто не носат вредност и не генерираат развој на општините.

Следни институции, кои треба да се децентрализираат, односно да бидат под локалната власт се културните институции. Сметате ли дека сте подготвени да ги прифатите и да менаџирате со нив?

Тоа е следното прашање што сакав да го отворам како тема затоа што ние имаме одредени права, но имаме и одредени обврски. Можеби степенот на децентрализација кај нас не зависи само од политичката волја на централната власт, зависи од капацитетот и можностите што ги имаат општините. Објективно ќе кажам дека општините можат да вработат се помалку стручен кадар кој ќе биде носител, двигател на институциите коиишто се под локална самоуправа. Тоа е следното прашање, со кое треба ние да се позанимаваме, затоа што миграцијата на пазарот на трудот е главниот проблем со кој се соочуваат пред се малите локални самоуправи, затоа што немаат содветен капацитет, логистика и потенцијал да ги водат институциите, бидејќи немаат соодветен стручен кадар. За неколку години ние ќе се соочиме со проблем да немаме градежни инженери, архитекти, овластени сметководители, нешто што е неопходно за функционирање на одредена институција. Зборувам за град од 50.000 жители. Доколку помалите општини добијат одредени надлежности кои мора да ги управуваат и менаџираат, а немаат соодветен капацитет, тоа ќе биде дополнителен проблем. Децентрализацијата не ги решава проблемите, туку ги продлабочува проблемите. Затоа е неопходно да се направи сеопфатна анализа и да не важи правилото за сите општини подеднакво, туку мора да се прецизираат критериуми, по коишто ќе се реализира оваа децентрализација, без разлика дали е административна или е фискална. По однос на фискалната децентрализација не може по клуч сите општини да добиваат ист процент на поврат на данокот на додадена вредност, а истите овие општини да не ги враќаат средствата назад кон граѓаните. Мора да се стиумилираат и мотивираат општините. Доколку поголем процент од оперативниот буџет го враќаат во форма на капитални инвестиции, тогаш да имаат поголемо право на поврат на данокот на додадена вредност или пак доколку го зголемат процентот на наплата на примарните и основните приходи, коишто ги имаат, од овој критериум да зависи процентот на децентрализација. Доколку не се  дефинираат овие критериуми, ќе имаме состојба во земјава во одредена општина, како што е Арачиново, ќе нема наплата на данок и по клуч ќе добива пари, колку што ќе добива друга општина, којашто ќе има поголем процент на наплата на данок и којашто ќе има поголем процент на враќање на парите во форма на капитални инвестиции. И она што како најголем ризик ќе се создаде преку фискалната децентрализација и административната децентрализација е тоа што ќе се појават локални шерифи, на коишто не можеме со сигурност да им ги довериме парите на граѓаните да ги управуваат. Затоа мора да се направи соодветен критериум, којшто нема да зависи од политичката волја на централната власт, туку јасно дефинирани критериуми по кои општините ќе добиваат или нема да добиваат финансиски средства.

Дали ова веќе го предложивте како градоначалници, ЗЕЛС за да се направи таа анализа од страна на централната власт?

Проблемот што го имаме со одредени институции и функционирањето на тие институции заради веќе започнатата и реализирана децентрализација веќе го дискутиравме и е проследен. Во однос за фискалната децентрализација, сите засегнати страни, градоначалници го имаат констатирано, но немаме донесено соодветна одлука што ќе ја приложиме на централната власт да ги разгледа овие наши размислувања за да имаме повисок степен на децентрализација и поголема функционалност на институциите, коишто ќе бидат под наша надлежност.

Да се вратиме на домашните, локални теми. Горлив проблем на Општина Штип е водоснабдувањето особено во текот на летните месеци. Има ли општина пари оваа година барем парцијално да почне со решавање на проблемот со старата водоводна мрежа?

Етапно, да. Ние се трудиме расположивите средства да ги реалоцираме и во подземна инфраструктура и во сообраќајници во патната инфраструктура. Но, тоа не е доволно за да можеме конечно, еднаш засекогаш да го решиме проблемот со старата водоводна мрежа. Го решивме проблемот со количината на вода во системот, затоа што во летните месеци бунарскиот систем во изминатите години, во одредени сушни периоди, немаше доволно количина на вода, за да се испорача до сите делови на градот, мислам на повисоките делови на градот. Сега имаме доволно количини на вода од хидросистемот „Злетовица“ , за да вода се дистрибуира во текот на цело лето до домаќинствата и правните субјекти, но имаме проблем со старата водоводна мрежа, којашто на поголем притисок и на поголема количина на вода создава дефекти. Тоа е вториот проблем што се рефлектира како резулатат на решавањето на првиот проблем, на којшто како локална самоуправа треба да се насочиме. Како општина издвојуваме средства од буџетот, кои етапно ги инвестираме во реконструкција на мрежата, но доколку сакаме решавање на овој долгогодишен проблем потребно е да се изнајдат начини на финансирање, дали тоа ќе биде преку одредени банки, потоа средствата од самопридонесот, кои не се доволни, но ќе решиме еден дел од проблемите, дали ќе биде тоа преку Европската инвестициона банка, преку ресорното Министерство за животна средина. Сега ќе излезе повик на којшто општините ќе можат да аплицираат со проекти за водовод и канализација. Ова се можностите што во наредниот период ќе ги разгледуваме. Дефинитивно на Штип му се потребни нова линија два, реконструкција на линија еден и реконструкција на секундарната мрежа за водоснабдување.

Имате ли пресметано колку пари ќе чини?

Да, повеќе од пет милиони евра ќе бидат потребни за да реши поголем дел од проблемите со водоводната мрежа, којашто е застарена и којашто има потреба интервентно да биде променета. Ги немаме овие средства за да можеме да навлеземе во решавање на овој проблем, затоа при реконструкција на улиците, на патната инфраструктура, вршиме промена на подземната инсталација, инфраструктура. Етапно оваа година планираме и ни се подготвени проекти за изградба и аплицирање на проект за резервоар за вода во населбата Пребег, резервоар во викенд населбата „Мери“ коишто ќе бидат за решавање и намалување на притисокот на водоводната мрежа, што создава чести дефекти на старата и дотраена мрежа, а паралелно работиме на проекти на замена на цевките на старата мрежа од сите делови на градот.

За многу краток временски период направивте смена на директориските позиции во ЈП „Исар“ и ЈП „Стипион“. Зошто?

Затоа што ова е еден нов начин на којшто го концепираме нашето работење. Дали тоа го правиме успешно или не? Јас ќе бидам можеби субјективен, но сметам дека тој тим со кој се трудиме да ја подобриме услугата преку јавните претпријатија кон граѓаните треба да го даде најдоброто од себе во даден момент. Затоа правиме чести рокади на позициите, за да го изнајдеме најсоодветното решение, во одредена институција, којашто во буквална смисла на зборот ќе биде сервис на граѓаните. Ние се соочивме со огромни проблеми во јавните претпријатија пред се заради зголемени трошоци и заради енергетската криза и заради зголемување на обемот на плата поради порастот на минималната и просечната плата, а се соочивме и со проблеми заради враќање на стари долгови и камати. Менаџирањето во овие институции, во еден ваков момент е пеколно тешко. Затоа се трудиме да го понудиме најдоброто, што го имаме во даден момент, за да функционираат јавните претпријатија, а граѓаните да бидат задоволни. Колку ќе успееме во ова, ќе покаже времето. Јас нормално ќе бидам субјективен и ќе кажам дека решаваме проблеми. Но, дали е доволно? Не е доволно, затоа што секојдневно до нас стигнуваат информации и проблеми со кои се соочуваат граѓаните, како последица на старата дотраена инфраструктура, со којашто рапсолагаме како град.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ