„Од МВР, Судот е известен дека во моментот кога го побарале на адресата на која бил пријавен за издржување на домашен притвор не е пронајден, по кое известие Судот издал наредба за распишување на централната потерница“, информираат за МИА од Основниот кривичен суд Скопје. По Гури од вчера има распишано и меѓународна потерница.
Гури, најпрво беше во затворски притвор, а потоа му беше одреден куќен притвор поради здравствени проблеми, откако во јули минатата година беше уаспен заедно со 15 лица, меѓу кои бизнисмени и инспектори од Управата за јавни приходи (УЈП), под сомнение за злосторничко здружување и даночна измама.
Против Исмет Гури, заедно со Ејуп Алими, се водеше и случајот „Титаник 3“ за уништување изборен материјал, во кој Судот по повтореното судење минатата година им изрече неправосилни затворски казни од по три години и шест месеци.
Обвинението за „Титаник 3“ беше отворено во 2017 година од поранешното СЈО. Тие се товареа за делото уништување изборен материјал, односно дека на локалните избори во 2013 година менувале дел од записниците за гласањето во Чаир. Гури беше истакнат активист на ДУИ, а по одделувањето на Изет Меџити се придружи на Демократско движење.