Јана ќе го претстави знамето на Македонија во дисциплината слалом, на утрешната трка (16.11, сабота) со почеток во 11:00 часот. Овој настап претставува огромен успех и достигнување не само за Јана, туку и за македонскиот спорт, поставувајќи нови стандарди и инспирација за идните генерации.
Јана Атанасовска, која со својата посветеност, истрајност и талент успеа да го достигне светскиот врв, тренираше интензивно и со голема посветеност изминатите години, а нејзиниот успех претставува одличен пример за сите млади спортисти. Во својата кариера, Јана се истакна со бројни успеси на регионални и меѓународни натпревари, а сега таа ќе се натпреварува рамо до рамо со најдобрите светски скијачки, меѓу кои и најдобрата скијачка на сите времиња Микаела Шифрин. Јана, заедно со нејзините тренери Александар Атанасовски Чаве – кој е и нејзин татко – и Игор Загерник, се наоѓа во Леви, Финска, подготвена за своето историско деби на ФИС Светскиот скијачки куп.
ФИС Светскиот скијачки куп во Леви, Финска, е еден од најочекуваните настани во алпското скијање, посебно познат по натпреварите во дисциплината слалом. Традиционално, трките се одржуваат во ноември, со учество на светската елита во машка и женска категорија. Леви е првата слаломска трка во сезоната на ФИС Светски куп во алпско скијање и означува официјално отворање на натпреварите.
Скијачката федерација на Македонија со гордост ја поддржува Јана, и и посакува многу успех во остварувањето на нејзините цели и соништа.