„Наместо да ни даде целосна поддршка, американскиот претседател Џозеф Бајден е зафатен со давање хуманитарна помош и гориво за Газа што оди за Хамас“, изјави Бен Гвир.
„Да беше Трамп на власт, однесувањето на САД ќе беше сосема поинакво“, додаде министерот, лидер на партијата Окма Јехудит (Еврејски сили).
Гвир за весникот Волстрит џурнал изјави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е на крстопат и дека „треба да избере во кој правец ќе оди“, но дека самиот нема намера да поднесе оставка од актуелната власт, иако постојано се закануваше дека ќе го стори тоа.
И додека Израел и САД се обидуваат да постигнат договор за ослободување на преостанатите израелски заложници кои се држат во Газа, една од најголемите пречки би можел да биде министерот Бен Гвир, кој стана „громобран“ на израелската екстремна десница, оценува американскиот весник.
Лидерот на израелската опозиција Јаир Лапид и Бени Ганц, поранешен началник на Генералштабот, сега член на Воениот кабинет на Нетанјаху, го критикуваа Бен Гвир за изјавата за Бајден.
„Интервјуто што Бен Гвир го даде за Волстрит џурнал е директна штета на меѓународната позиција на Израел, воените напори, штетата на безбедноста на Израел и најмногу докажува дека тој не разбира ништо во надворешната политика, но Нетанјаху нема контрола над екстремистите во владата“, рече Лапид.
Ганц смета дека премиерот треба да го повика министерот за национална безбедност да се „смири“ бидејќи, како што истакна, наместо да се занимава со прашања од внатрешната безбедност, тој нанесува огромна штета на надворешните односи на Израел.