Според соопштението на ИДФ, убиен е и Али Караки, командант на јужниот фронт на Хезболах, како и други команданти на милитантната група.
ИДФ додаде дека нападот врз штабот на Хезболах се случил затоа што највисокиот врв на организацијата „координирал терористички активности против граѓаните на државата Израел“.
На својот профил на Икс, Израелската армија објави: „Хасан Насрала повеќе нема да може да го тероризира светот“.
Hassan Nasrallah will no longer be able to terrorize the world.
— Israel Defense Forces (@IDF) September 28, 2024
Водачот на Хезболах, Хасан Насрала беше недостапен по воздушните напади во петокот на израелската војска врз јужните предградија на Бејрут. Наскоро се појавија шпекулации дека тој е убиен, но ниту Хезболах ниту ИДФ тогаш не беа подготвени да го потврдат тоа.
Израелската армија утринава продолжи со нападите на предградието во Бејрут по синоќешниот напад врз командниот центар на движењето Хезболах, чија цел беше нејзиниот лидер Хасан Насрала.
Последните напади се случија неколку часа откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави пред Генералното собрание на ОН дека неговата земја има право да продолжи со својата воена кампања се додека Хезболах продолжи да го избира патот на војната.
Во израелските напади врз Либан во текот на изминатата недела загинаа повеќе од 700 лица.