сабота, 26 октомври 2024

Израелската армија го напушти Хан Јунис, Палестинците собираат тела од улиците (ВИДЕО)

Илјадници Палестинци денеска се вратија во разурнатиот град Хан Јунис во јужниот дел на Газа, откако израелските сили ја завршија еднонеделната операција таму, чија цел беше да го спречат Хамас да се врати во областа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Палестинските спасувачки служби и цивилите ги собираа телата на загинатите од улиците на напуштеното бојно поле, транспортирајќи ги во мртовечници со автомобили и кочии. Цивилната заштита соопшти дека пронашла 300 тела.

Медиумската канцеларија на Хамас во Газа објави дека во израелските операции во Хан Јунис се убиени 255 Палестинци, а уште 300 се повредени. Се трага по уште најмалку 30 луѓе.

Израелските сили соопштија дека за време на операцијата убиле повеќе од 150 вооружени Палестинци, уништиле тунели на милитантите и заплениле оружје.

По заминувањето на израелските сили, дел од жителите се вратија во своите домови. Многумина од нив нашле само урнатини.

Властите во Газа соопштија дека за време на израелските операции биле уништени повеќе од 300 домови, од кои 30 биле населени во моментот на нападот.

Сведоците пренесуваат дека израелските сили ги уништиле главните гробишта во Бани Сухаила, мал град источно од Хан Јунис, центарот на израелската операција.

„Се враќам назад и се надевам на Бог. Не знам дали ќе живеам или ќе умрам, но сето тоа е за татковината“, рече Етимад ал Масри, која пешачела најмалку пет километри до својот дом.

„И покрај страдањата, трпеливи сме и со Божја помош ќе победиме.“

Многу жители за Ројтерс изјавија дека неколку пати биле иселени од дома.

„Се надеваме дека ќе има прекин на огнот и мир. Се надеваме дека ќе го почитуваат примирјето за да можеме да живееме во безбедност и мир“, рече Валид Абу Нсаира при враќањето дома.

По завршувањето на нападот на Кан Јунис, Израел нареди евакуација на илјадници жители на Ал-Бурејџ во центарот на Појасот, веројатно како подготовка за офанзива и таму.

Десет месеци од почетокот на офанзивата, израелските сили беа активни речиси во целиот Појас Газа, а во последните недели почнаа нови напади врз областите за кои претходно изјавија дека се исчистени од милитантите на Хамас.

Обидите за постигнување договор за прекин на огнот и натаму се во застој, за што Израел и Хамас меѓусебно се обвинуваат.

Хамас сака крај на конфликтот во Газа, додека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху сака офанзивата да престане кога Хамас ќе биде поразен. Несогласувања има и за тоа како да се спроведе договорот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ