недела, 20 октомври 2024

Измените на КЗ се кроени за Груевски, вели Европскиот сојуз за промена, премиерот бара тој да се соочи со правдата

Опозицискиот блок на партиите на Албанците, „Европски сојуз за промена“, денеска, на прес-конференција пред Министерството за правда кажа дека измените на Кривичниот законик се донесени во служба на екс-премиерот Никола Груевски. Премиерот Димитар Ковачевски пак, одговорајќи на новинарско прашање изјави дека за Груевски има потерница да се врати во Македонија, и тој треба да се врати, но за да се соочи со правдата, согласно македонските закони, и согласно со пресудите од независните правосудни органи.

Објавено на

часот

Сподели

Опозицискиот блок на партиите на Албанците, „Европски сојуз за промена“, денеска, на прес-конференција пред Министерството за правда кажа дека измените на Кривичниот законик се донесени во служба на екс-премиерот Никола Груевски.

Ова доаѓа откако деновиве Груевски беше ослободен од обвинение во предметот Траекторија, за изградба на автопатот Кичево-Охрид, како и по барањето на Јавното обвинителство, Груевски да биде ослободен од обвинението во предметот ТНТ.

„Продолжуваме да бидеме сведоци на играта од власта предводена од СДСМ и ДУИ за спасување на Груевски. Пред неколку дена екс-премиерот Никола Груевски беше ослободен од обвинение во предметот Траекторија за изградба на автопатот Кичево-Охрид, каде што буџетот на државата беше оштетен за вкупно 155 милиони евра. Сега согласно последните измени во Кривичниот законик, Јавното обвинителство побара Никола Груевски да се ослободи и од обвинението во предметот ТНТ, каде што поради политичка одмазда буџетот на државата беше оштетен со 11 милиони евра„, велат од Европски сојуз за промена.

Тие велат дека секој кој што ја попречувал правдата ќе сноси одговорност и ќе одговара пред законот и правосудните органи. Од овој сојуз прашуваат колку години затвор, со измената на Кривичниот законик, му се простуваат на Груевски, и колку пари на граѓаните се злоупотребени со кривичните дела од кои Груевски е ослободен од обвинение.

„Не мора да бидете ниту аналитичар, ниту политичар за да разберете дека измената на Кривичниот законик е направена само и само во служба на Груевски, Мијалков, Јанкуловска и на другите како нив. Резултатот се гледа и е на повидок. Се обидуваат да се оправдаат со европска интеграција, а граѓаните не добиваат ништо освен амнестија на криминалците. Граѓаните треба да знаат дека овој подарок го имаат од ДУИ и Али Ахмети, а ќе продолжиме да слушаме дека случаите како ТНТ, Тенкови, Титаник, Траекторија, Талир, Таргет-тврдина, еден по еден паѓаат во вода. Колку години затвор Ахмети му спаси на Груевски со промената на Кривичниот законик и колку пари на граѓаните се злоупотребени со овие кривични дела од кои Груевски е ослободен од обвинение“, прашува Европски сојуз за промена, од пред Министерството за правда. 

Премиерот Димитар Ковачевски пак, одговорајќи на новинарско прашање изјави дека за Груевски има потерница да се врати во Македонија, и тој треба да се врати, но за да се соочи со правдата, согласно македонските закони, и согласно со пресудите од независните правосудни органи.

Прашан дали се соочува со притисоци за враќање на аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов со цел да се создадат услови за враќање на Груевски и дали за ова разговарал со поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев и генералниот секретар на партијата Миле Зечевиќ, Ковачевски рече дека немал состанок со поранешниот премиер Заев, ниту со Зечевиќ.

„Не сум имал состанок со поранешниот претседател на СДСМ по состанокот којшто го имавме на телото за стратегија во СДСМ, каде што членуваат поранешни претседатели, секретари, ниту пак сме имале состанок заедно со генералниот секретар“, рече Ковачевски.

За него, рече, не е актуелна тема враќањето на Груевски

„Сметам дека тоа е депласирана тема од аспект на тоа што прво за него има потерница да се врати во Македонија, и тој треба да се врати. Меѓутоа треба да се врати за да се соочи со правдата, согласно македонските закони, и согласно со она коешто е донесено од независните правосудни органи“, рече Ковачевски.  

За комуникација со судските правосудните органи, премиерот рече дека нема никаква комуникација и оти смета дека тие треба да работат независно.  

„Јас немам никаква комуникација со правосудните органи, бидејќи сметам дека тие треба да работат независно. Тоа може да ви го каже било кој судија, обвинител, раководител во судските инстанци, освен ако се сретнеме на некој настан каде што нормално дека ќе се поздравите со оглед на тоа дека претставувате различни власти во државата. И затоа сметам дека сите овие теми се интересни за слушање и читање, но нема основа тие да бидат реална политичка дебата во државата“, вели премиерот Ковачевски. 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ