Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, на која ова ѝ е втор мандат на чело на извршната институција на Европската Унија (ЕУ), пред гласањето го претстави составот, односно 26-те нови комесари на ЕК.
ЕП го закажа гласањето за оваа пленарна седница откако беше постигнат договор меѓу главните политички групи за потврдување на сите 26 предложени комесари.
Комесарите претходно поминаа низ сослушувања во соодветните комисии на Европскиот парламент и секој од нив доби поддршка за извршување на функцијата комесар во областа што им е доделена.
На пленарната седница на ЕП за време на нејзиното излагање, Фон дер Лаен вети дека Комисијата ќе се заложи за посилна, побезбедна Европа, која ќе ги зголеми инвестициите во одбраната и ќе продолжи да работи на намалување на загадувањето на животната средина, дигитализација и зголемување на конкурентноста на европската економија на глобалната сцена, пренесува Радио Слободна Европа.
Таа изјави дека место во ЕУ имаат земјите кандидати од Западен Балкан и од Источното партнерство.
Фон дер Лаен додаде дека процесот на проширување ќе продолжи со почитување на принципот на индивидуална заслуга на земјите кандидати во реформскиот процес.
За регионот Западен Балкан во новиот состав на ЕК ќе се занимаваат Марта Кос од Словенија, која ќе биде комесарка за проширување, и Каја Калас од Естонија, која ќе ја води надворешната политика на ЕУ.
За време на сослушувањето во ЕП, во почетокот на ноември, Кос потврди дека ќе се погрижи патот кон пристапувањето во ЕУ да остане целосно заснован на заслуги и дека нема да „го загрози квалитетот заради брзината“.
Новиот состав на ЕК ќе профункционира на 1 декември.
Истиот ден, поранешниот португалски премиер Антонио Коста ќе ја преземе функцијата претседател на Европскиот совет – највисоката политичка институција на ЕУ.
Меѓу првите активности на Коста на чело на Советот на ЕУ е работната вечера со лидерите од Западен Балкан, која ќе ја организира на вториот ден од функцијата, на 3 декември.
Како што објаснија официјални лица во Брисел, со таа средба Коста сака да испрати сигнал до Западен Балкан дека регионот и процесот на проширување ќе ги смета за приоритет во текот на својот мандат.