Во денешното соопштение од Јавното обвинителство на Македонија (ЈОРСМ) се вели дека под раководство на предметен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во текот на вчерашниот ден до доцните вечерни часови Единицата за финансиски истраги при МВР спроведе оперативна акција во која се приведени лица и се обезбедени бројни материјални докази.
При претресите се одземени златен накит, четири патнички моторни возила, пет мотоцикли и еден четирицикл. Постапувајќи по кривичната пријава поднесена од МВР.
„Според описот содржан во диспозитивот на наредбата прво и второосомниченото лице како соизвршители во четиригодишен временски период од 01.01.2020 година до вчера, заеднички и по претходен договор, спротивно на одредбите од Законот за игрите на среќа и за забавните игри, во нивната семејна куќа во Штип, недозволено преку глобална интернет мрежа, организирале и приредувале интернет игри на среќа, со што сториле кривично дело Приредување на игри на среќа без лиценца односно дозвола од надлежен орган од чл. 156 ст. 3 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри во врска со член 22 од КЗ“, се вели со соопштението од ЈОРСМ.
Во него се наведува дека двајцата сопружници откако обезбедиле средства и компјутерска опрема, ангажирале лица кои првоосомничената ги обучила за користење на платформа за опслужување на заинтересирани клиенти, а второосомничениот им давал совети и обезбедувал електронска опрема, телефонски мобилни уреди и СИМ картички за вработените со што дал особен придонес во незаконските дејствија. Со клиентите, кои морало да бидат турски државјани, комуницирале преку апликациите за контакт Скајп и Ватсап нудејќи им поволности за обложување и игри на среќа, за што според првичните сознанија осомничените добивале одреден процент во криптовалути на „Електронски паричник“ сопственост на првоосомничената.
„Со намера да го прикријат изворот на парите, нелегално остварените приходи што ги примале во криптовалути, потоа ги претворале во странска валута – долари или евра и ги пренесувале на „Електронски паричник“ сопственост на менувачница за размена на криптовалути. Оттаму парите ги подигнувале во готовина, помал дел ги пуштале во промет трансферирајќи ги кон странски државјани со кои немале воспоставено должничко доверителски односи, а поголемиот дел ги внесувале во легални финансиски текови, ги уплаќале на своите денарски сметки и купувале движен и недвижен имот и водејќи луксузен живот иако биле невработени и приматели на социјална помош“, се вели во соопштението.
Од обвинителството велат дека во прикривањето на изворот на парите учествувале и нивната ќерка и уште едно лице, тие примиле парични средства за кои биле должни и можеле да знаат дека се прибавени од казниво дело со приредување на игри на среќа преку глобална интернет мрежа и ги пуштиле во оптек набавувајќи две патнички моторни возила. Со овие дејствија четворицата осомничени дека сториле кривично дело „Перење пари и други приноси од казниво дело“ од чл. 273 од КЗ.
„Ценејќи дека се исполнети законските услови, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје денеска ќе достави предлог за определување на мерка притвор за двајцата првоосомничени и мерки на претпазливост за останатите“, пишува во соопштението на ЈОРСМ.