недела, 20 октомври 2024

Истакнатата словенечка македонистка Субиото со предавање за Шопов на Филолошкиот факултет во Скопје

Словенечката македонистка и славистка, еден од најголемите афирматори на македонскиот јазик, литература и култура во странство, професорката Намита Субиото од Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана ќе гостува на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Утре, со почеток во 13 часот, на Факултетот ќе одржи предавање на тема: „Ацо Шопов во контекст на македонско-словенечките книжевни и културни врски во XX век и денес“.   

Објавено на

часот

Сподели

Со македонската јавност ќе бидат споделени и дел од согледбите и заклучоците од најновите истражувања на совенечката книжевна македонистика. Минатата година, професорката Субиото иницираше и оствари темелно истражување за рецепцијата на творештвото на Шопов во Словенија што резултираше со откривање и на непознати или помалку познати и неафирмирани факти што се значајни за македонско-словенечките книжевни и културни врски, но и за вреднувањето на македонските книжевни и воопшто културни вредности во словенечката културна средина. Како резултат на истражувањето, веќе се случија значајни објави во Словенија, вклучително и нови преведувачки потфати, а ова е прво нејзино предавање во коешто пред македонската стручна јавност овие согледби и информации ќе бидат и интегрално презентирани.

Воедно, во рамките на настанот, за првпат пред македонската јавност ќе биде претставенa и книгата „Златен круг на времето“ – избор од поезијата на Шопов на македонски и во препев на словенечки јазик што неодамна беше објавен во Словенија. Претставувањето н книгата ќе биде преку разговор што со Субиото ќе го води проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска како темелен познавач и истражувач на современата македонска поезија. Инаку, ова обемно издание што воспоставува дијалог помеѓу поезијата на Шопов и уметничките дела на академскиот сликар Боге Димовски е прв избор од поезијата на македонски класик објавен во странство во ваков формат, којшто ги обединува сите препејувачи, односно преведувачи што во децениите наназад се имаат посветено на пренесување на моќта на македонската поетска реч во кодот на својот мајчин јазик. Пред неполн месец се случија и првите промоции на изданието во Словенија.

Професорката Субиото, покрај со големиот број истражувања и со остварувањата во рамките на Филозофскиот факултет во Љубљана, каде што е раководителка на Катедрата за македонски јазик и литература, а до неодамна го водеше и Одделот за славистика, остварува голем придонес за афирмација на македонската книжевност и како книжевен преведувач. Последниве неколку години, во нејзин превод или под нејзина редакција и како резултат на нејзина иницијатива, во Словенија се случија повеќе значајни изданија од и за современи македонски автори, а изданието со Шопов е најново во големата низа постигнувања.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ