Во соопштението од ИПИС со жалење констатираат дека дел од општествените чинители наместо да бидат корективен фактор кој ќе се бори и ќе ги сузбива лажните вести и дезинформации, тие во одредени случаи се и самите креатори или поддржувачи на истите.
Во реакцијата појаснуваат дека ИПИС во соработка со МРТ спроведува серија истражувања во пресрет на претседателските и парламентарни избори, по углед на соработката која ја имаат водечките светски медиуми и агенции за истражување на јавното мислење за време на изборните процеси во САД и повеќето земји на ЕУ.
„Оваа спработка е исклучиво врз база на договор меѓу ИПИС и продукцијата која е одговорна за овие емисии на МРТ без притоа да биде инволвирана каква било трета страна, односно друг правен субјект, организација или физичко
лице“, се вели меѓу другото во соопштението од ИПИС.
Реакцијата се однесува на објавата на документи од страна на СДСМ со кои, како што велат од партијата, се потврдува дека „лажните анкети објавени на Националната телевизија МТВ се нарачани од штабот на ВМРО-ДПМНЕ“. Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека документите се лажни и бараат извинување, а во спротивно најавуваат тужба за клевета.
„Станува збор за реализација на цела шема, оперативен план подготвен од Републичкиот изборен штаб на ДПМНЕ на 5 декември 2023 година за пласирање на лажни анкети за рејтинзите на партиите и за политичарите, а објавени на МТВ, но и за други активности како пласирање лажни вести. Документите со потписи потврдуваат дека оперативниот план на ВМРО-ДПМНЕ го содржи она што и реално се случува“, се вели во соопштението од СДСМ.
Планот, според партијата, предвидува креирање на емисија два пати неделно со анализирање на анкети од ИПИС на Владимир Божиновски, какви што веќе се емитувале на МТВ, а дефиниран бил и составот на гости во емисијата, да бидат аналитичари и тоа три опозициски и еден од власта.
Од ВМРО ДПМНЕ, пак, веднаш реагираа на тврдењата на СДСМ и велат дека документите на СДСМ се целосно измислени. Од партијата најавуваат дека ќе следува тужба за клевета.
„Најостро и изрично ги демантираме информациите првично објавени во еден медиум, а потоа истите лаги дополнети од СДС. Не постои документ подготвен од Републичкиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ за злоупотреба на изборниот процес како што се наведува во емисијата на Фуркан Салиу и потоа прераскажани од СДС. Потписите на документот се целосно измислени и не кореспондираат со реалните“, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат СДСМ да се извини за, како што нагласуваат ваквите лаги, а во спротивно најавуваат дека ќе следи тужба за клевета.