вторник, 22 октомври 2024

Инциденти меѓу кинески и филипински бродови во спорното Јужно Кинеско Море

Брод на кинеската крајбрежна стража удрил во филипински брод кој снабдувал рибари во Јужното Кинеско Море, соопшти филипинската крајбрежна стража, еден ден по друг инцидент во морето за кое се во спор Кина и неколку други земји во областа.

Објавено на

часот

Сподели

Кинески брод со водени топови гаѓал три други филипински бродови, при што сериозно го оштетил моторот на еден од нив, изјави портпаролот на филипинската крајбрежна стража Деј Тариел на мрежата Икс.

Кина соопшти дека филипинскиот брод „намерно се судрил“ со бродот на нејзината крајбрежна стража.

Кинеската крајбрежна стража соопшти дека четири филипински бродови утринава нелегално влегле во водите на островите Спратли кои Кина ги присвојува, додавајќи дека еден филипински брод „не одговорил на бројните строги предупредувања“.

Бродот на Филипините „одеднаш го смени правецот на непрофесионален и опасен начин и намерно се судри и го изгреба нашиот брод 21556 на крајбрежната стража кој се наоѓаше на нормална рута на безбедносните сили“, се вели во соопштението на кинеската крајбрежна стража.

Инцидентот се случи во близина на атолот Секонд Томас на островите Спратли, еден ден по уште една конфронтација меѓу кинеската крајбрежна стража и филипински бродови. Кинеската крајбрежна стража со водени топови „пресретна“ три филипински владини бродови кои снабдуваа филипински рибари во близина на атолот Скарборо, гребен кој е под контрола на Пекинг и се наоѓа во близина на брегот на филипинскиот остров Лузон.

Манила и Пекинг имаат долга историја на поморски спорови во Јужното Кинеско Море, низ кое годишно минува стока во вредност од повеќе милијарди долари.

Пекинг тврди дека има право на целото Јужно Кинеско Море, вклучително и водите во близина на бреговите на кинеските соседи, и не ја почитува одлуката на меѓународниот суд од 2016 година дека за тоа нема правна основа.

Филипините, Брунеи, Малезија, Тајван и Виетнам, исто така, тврдат дека имаат право на неколку гребени и островчиња во морето, каде што некои зони може да имаат богати резерви на нафта.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ