Арифи сега е сопственик на 74,19 отсто од акциите во „Жито Караорман“. Тој претходно веќе поседуваше 23,52 % од компанијата. Во тек е понуда на Арифи до другите акционери за целосно преземање на „Жито Караорман“.
Селаудин Арифи е познат и како сопственик на фирмата „АС Сењак“, фирма која добива бројни државни јавни набавки и е во деловни односи и со „Тор индустрис“ на Дрин Ахмети, внук од брат на Али Ахмети.
Пред две недели „АС Сењак“ ги продаде акциите што ги поседуваше во „Жито Полог“ Тетово. 115.000 евра плати „Жито Полог“ за последните 5,5 отсто акции на „АС Сењак“. Во 2020 година „Жито Караорман” имаше приход од 1,9 милиони евра, а во 2022 година 1,5 милиони евра.
Арифи и неговата компанија „Сењак“ се дел од истражувањето на Код и ТВ Телма откако беше утврдено дека имал финансиски релации со компанијата „Тор индустрис“ на Дрин Ахмети. Арифи е сват на Али Ахмети – ќерката на Арифи е вереница за Шкумбин, синот на претседателот на ДУИ.
„АС Сењак“ има акции во АД „Европа“, има раширена нискоградба, а пред неколку месеци, друга фирма чиј сопственик е од сватовската фамилија Арифи купи голема бензинска пумпа на влез во Кичево. Пред неколку месеци на кичевски таблички го префрлија и над 400 илјади евра скапиот „ролс ројс фантом“ кој откри многу врски меѓу бизнисите на членови на семејството на Али Ахмети, јавуваат репортерите на Код.
Во истражувањето на Код дел од фирмите на семејаството на Али Ахмети се разгрануваат и стигаат до увозникот на мазут за ЕСМ, РКМ и Ратко Капушевски.
Зетот на Али Ахмети, Куштрим Смајлај е во сопственичката структура на фирмата К.С.А. Оваа фирма е формирана лани во јануари, и за 2022-ра имала приходи од над 722 милиони денари односно 11,7 милиони евра од кои како профит пријавила точно 2 милиони евра.
К.С.А. е регистрирана за дејност „изградба на станбени и нестанбени згради“, а втор сопственик на фирмата е Ерџан Сулкоски, кој пак е партнер на Ратко Капушевски во фирмата РКМ која има огромни зделки во вредност од над 100 милиони евра за набавка на мазут со државната ЕСМ за ТЕЦ Неготино.
К.С.А. се наоѓа на адресата на зградата на булеварот „Партизански одреди“ во близина на ТЦ Лептокарија во Скопје. Код пронајде уште две фирми на истата адреса. Сопствениците на фирмите на иста адреса имаат исто презиме како уште еден пратеник на ДУИ, Исмаил Јахоски. Станува збор за компаниите „БИ холдинг“ на која сопственичка е Хана Јахоска, а тука е регистрирана и веќе неактивната компанија „Вест Балкан стоун“ чија сопственичка исто го носи презимето Јахоска.
На овој начин преку адресите се поврзуваат бизнисите на семејството на лидерот на ДУИ и на пратеникот на ДУИ. Дополнително, голем дел од деловниот простор во зградата на „Партизански одреди“ 102 всушност се води како имот или на фирмите БИ Холдинг или на „Пуцко петрол“, покажуваат податоците во Катастарот.
Код открива и бројни податоци за тоа дека фирмите на Дрин Ахмети се поврзани со фирмите на сватот на Али Ахмети.
„Тор индустрис“ на Дрин Ахмети е дел од конзорциумот кој го купува деловниот центар Соравиа во центарот на Скопје. Лани оваа компанија имала околу 22 милиони денари промет од кои расходи 18 милиони денари. Но, најголем дел од расходите на „Тор“ завршиле во фирмата „АС Сењак“ на која ѝ уплатиле околу 8 и пол милиони денари (8.433.175).