Советот за безбедност на ОН треба итно да се состане денеска, на барање на Франција, во обид да се избегне ескалација на конфликтот.
Југот на земјата беше погоден во израелските бомбардирања, пренесува либанската новинска агенција ННА.
Медиумите пренесоа дека на мета било и упориштето на либанското движење Хезболах во регионот Балбек, на истокот на Либан.
Хезболах објави дека еден од воените лидери на движењето, Ибрахим Мохамед Кобеиси, бил убиен во израелски бомбашки напад врз јужните предградија на главниот град.
Хезболах денеска истрела околу 300 ракети на израелска територија.
Според израелски извори во тие напади биле ранети шест цивили и војници.
Пресретната ракета на Хезболах во близина на Тел Авив денеска е првпат проектил истрелан од милитантната група да се приближи до градот, соопшти израелската војска, што претставува нов чекор во ескалацијата на конфликтот.
„Ова е првпат во историјата Хезболах да пука врз Тел Авив“, изјави меѓународниот портпарол на израелската војска Надав Шошани.
„Станува збор за тешка ракета со долг дострел“, рече Шошани.
Се верува дека тоа е првата балистичка ракета што Хезболах некогаш ја истрелал врз Израел.