среда, 20 ноември 2024
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Гушкарина

Повести за многупоучните бесрамно бесмислени и несомнено вистинити авантури на многунепочитуваниот даночен обврзник потрошувач гласач и дисциплиниран пушач Неговото граѓанско Височество - граѓанинот Шљупков и за тоа како тој виде посведочи и доживеа многу згоди и незгоди во Апсурдистан и северно од него извлекувајќи високопоучни слова за граѓанските доблести на послушноста политичката коректност јавниот ред и морал правото и демократијата или скратено – таму негде јужно на север.

Еден ден Метафизичката управа донесе Закон за гушкарина: имено, пред да прегрнете некого, најпрвин треба да барате дозвола. Сродството тука не играше никаква улога – било да е тоа вашето дете, партнер, пријател или колега, најпрвин ви требаше дозвола за да ги прегрнете. Истото важеше и за некого да допрете, помилувате, бакнете, па сè до… знаете… онаа работа. Секако, овој закон беше во прилог со најсовремените прогресивни неолиберални трендови да се заштитат малцинските и ранливите групи. И секако, бидејќи фискалната дисциплина на граѓаните е од суштинско значење за една либерална демократија, граѓаните мораа да платат админстративна такса за барање за гушкарина, како и дополнителен данок на гушкарина, доколку барањето им биде одобрено.

Така, граѓанинот Шљупков мораше да бара најпрвин дозвола за да ја гушне госпоѓа Шљупков (која, патем, како израз на прогресивната неофеминистичка борба против маскулинистичко-патријархалното угнетување усвои презиме од машки род, оти нели, оган со оган се избива!) Меѓутоа, како прав метафизичар, госпоѓа Шљупкова никогаш не даваше дециден одговор, имено секогаш велеше: „можеби!“ Дури и при таков одговор, граѓанинот Шљупков мораше да плати данок на гушкарина – имено, „можеби“, за разлика од децидното „не!“, му допушташе на граѓанинот Шљупков барем да си замислува како ја прегрнува госпоѓа Шљупков во некој можен свет во неговиот ум. Впрочем, за Метафизичката управа можното имаше поголемо значење од стварното, па затоа и граѓанинот Шљупков мораше да плати дури и повисок данок на гушкарина за можно гушкање, отколку за стварно гушкање. Зашто стварното гушкање беше краток, единечен минлив миг во времето, додека можното гушкање, или гушкањето во мислите, беше трансцендентално гушкање, неограничено од времето, гушкање кое Шљупков можеше да си го евоцира безброј пати и во безброј различни сценарија.

Оваа целомудреност на Управата беше добро видлива и во регулацијата на севкупниот социоекномски живот – секако само за оние префинети елити кои имаа очи да ја видат нејзината деликатна руба, наместо неуката популистичка багра која сè што гледаше беше одамна голиот газ… ова… задник на царот. Имено, беше многу поважно да се спречи можниот пад на берзата, отколку да се заштити работникот кој ги произведуваше реалните и неопходни производи и услуги, беше многу поважно се спречи можниот пад на профитот на банките и големите претприемачи – хероите на нашето време, со тоа што им се допушташе да им наплаќаат на граѓаните за непостоечки или необезбедени услуги, отколку да се заштитат реалните потрошувачи од крв и месо кои трпеа реални животни загуби од овој корпоративно-претприемачки аздис, беше многу поважно да се спречи можната финансиска криза која би ги претворила кутрите милијардери и мултимилијардери во бедни мултимилионери, отколку да се искоренат сиромаштијата, гладот, бездомништвото, загадувањето кои беа сеприсутни во стварноста…  Најпосле, милијардерите, мултимилијардерите и големите претприемачи беа уште едно прогресивно и обесправено малцинство, а, како што веќе рековме, суштината на современите прогресивни неолиберални демократии е да ги штитат обесправените малцинства по секоја цена! Секако, само доколку го исполнуваат условот да бидат неолиберално супермалцинство, а тоа е да имаат милијарди кои може да ги загубат!

Меѓутоа, граѓанинот Шљупков не припаѓаше на ниту едно од овие супермалцинства, тој му припаѓаше на народното мнозинство или политички коректно кажано, на популистичкиот џган, кој мораше да преживува само со неколку илјадарки месечно. Па така, не беше никакво чудо, што, после неколку поднесени барања за гушкарина и платени гушкарини, Шљупков се соочи со банкрот и стана бездомник. Го напушти својот дом, непрегрнат од госпоѓа Шљупков, од своите деца, од соседите – дури и маалскиот пес, како политички коректен животински граѓанин на новиот трансхуманизам одби да му ја понуди својата глава за галење.

„Можеби?“ – праша Шљупков со жални кучешки очи.

„Не!“ – беше службениот одговор од Метафизичката управа, која се водеше од беспрекорната максима „плаќам, значи постојам!“. Празниот џеб повеќе не беше трансцендентален и со него мораше само строго!

И така, Шљупков живееше без да постои, задолжен за девет животи. Не смееше да посакува ништо свое, да се надева на ништо свое, затоа што во едно неолиберално прогресивно општество тоа беше крајно политички некоректно, што ќе рече – фашистичко! Неговите желби, мисли и соништа беа секојдневно уредно поткаструвани од фактчекери, инфлуенсери,  разноразни сертифицирани академски експерти и други владини и невладини агенти на Управата. И не е вистина, како што некои хејтери тврдат, дека на Шљупков повеќе никој не смее ни да му се насмевне – зарем смее неговото величество, Корисникот, да биде одран… ова… опслужен без насмевка во неолибералниот капитализам? Имено, навечер наместо да му се насмевнува Месечината, сега на Шљупков, високо одозгора, му се потсмеваше голиот задник на царот…

Сè што му остана на Шљупков е да се префли на црниот пазар на мислата и да сонува за револуција неишарана од Капиталот…

Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Стефан Митиќ

Улогата на политичките емоции: Обновување на надежта

Ристо Цицонков

Природниот гас не е еколошко гориво

Лидија Топузовска

Културата и туризмот – формула за економски бум!

Сефер Тахири

Балансерот се укина, политичката фактура ја плаќа Вреди

Ристо Цицонков

Греење со дрва, да или не? (2)

Константин Димитров

Зoшто нема зголемен интерес за поставување сончеви колектори?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ