сабота, 28 септември 2024

Грците гневни поради огномет од јахта што запали шума

Огномет испукан од јахта во Грција во петокот предизвикал шумски пожар на островот Хидра, соопштија локалните пожарникарски власти.

Социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Во пожарот изгоре единствената борова шума на туристичкиот остров јужно од Атина.

Пожарот едвај бил ставен под контрола. Бидејќи нема патишта до плажата, пожарникарите морале да ѝ пријдат по море, додека хеликоптери испуштале вода од воздух, пишува Би-би-си.

Причината за пожарот предизвика гнев во Грција, која веќе се бореше со неколку шумски пожари и е зафатена од првиот топлотен бран годинава.

„Револтирани сме што некои луѓе толку неодговорно фрлаат огномети во боровата шума“, изјави градоначалникот на Хидра, Јоргос Кукудакис, за грчката телевизија ЕРТ. Тој додаде дека градот ќе се обиде да преземе правни мерки против патниците на јахтата.

Осуди имаше и на социјалните мрежи. „Богати луѓе со повеќе пари отколку мозок“, напиша една личност.

Грција е во состојба на зголемена готовност поради шумски пожари од вторникот, властите се подготвуваат за тешко лето бидејќи продолжуваат сувите услови, силните ветрови и високите температури.

Вчера, 55-годишен пожарникар доброволец починал од повредите со кои се здобил при гаснење на пожар на полуостровот Пелопонез.

Летните пожари се вообичаени во Грција и научниците ја поврзаа зголемената фреквенција и интензитетот на екстремните временски настани, вклучувајќи ги и топлотните бранови, со климатските промени.

Но, земјата има проблем и со подметнувачи на пожари, најмалку 79 лица беа уапсени во август минатата година за смртоносните пожари.

На почетокот на оваа година Грција донесе построги закони за подметнување пожари, на сторителите сега им се заканува затворска казна до 20 години и парични казни до 200.000 евра.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ