Митрески, кој имаше и обраќање во Врховната рада, за време на протоколарните разговори со својот укрински колега изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка за Украина, на сите полиња.
Тој нагласи дека уште од самиот почеток Македонија силно ја осудува руската агресија против Украина, континуирано ја потврдува поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразува целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Митрески се осврнал на бројните активности на Собранието на Македонија за поддршка на Украина, односно усвојувањето на „Декларацијата за осуда на воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“, поставувањето на изложбата: „Украина памети – светот препознава!“, посветена на Гладоморот од 1932-1933 година во Украина, како и формирањето на Интерпартиската парламентарна група за Кримската платформа. Истовремено, тој ги поздравил напорите на пратениците од Врховната Рада на Украина, кои остануваат на браникот на одбраната на демократијата и продолжуваат да ги застапуваат интересите на своите гласачи.
„Се надевам дека во наредниот период ќе зборуваме за светлата иднина и можностите за унапредување на соработката меѓу нашите земји во полето на економијата, културната размена и туризмот“, нагласил Митрески.
Претседателот на Врховната Рада на Украина, Руслан Стефанчук, се заблагодарил за доследната поддршка на Македонија за Украина и за сите украински иницијативи, за приклучувањето кон санкциите на Европската Улнија против Русија, како и за поддршката на „Формулата за мир“ предложена од претседателот на Украина.
„Тој нагласи дека народите на Украина и Северна Македонија се многу блиски, имаат слична историја и споделуваат заеднички цели за членство во ЕУ и НАТО. Осврнувајќи се на руската воена агресија од големи размери на територијата на Украина, Стефанчук изрази надеж дека војната наскоро ќе заврши со праведен мир, со почитување на украинскиот суверенитет и територијален интегритет, а тоа е можно единствено доколку сите демократски земји се обединат во поддршката на земјата. Историјата на нашите земји се пишува сега и тука“, оценил Стефанчук.
Претседателите на парламентите се осврнале на евроинтегративните процеси, при што изразиле уверување дека Македонија и Украина треба што поскоро да станат членки на Европската Унија, а задачата на парламентите е да ги спроведат сите неопходни законски измени на овој план.
Митрески и Стефанчук се согласиле дека македонскиот и украинскиот парламент имаат активен политички дијалог и успешна соработка на ниво на претседатели и меѓупарламентарни групи за пријателство, нагласувајќи дека е важно во иднина да се зачува и зајакне овој тренд.