недела, 20 октомври 2024

Георгиев: Нужно и законски е Адеми да дојде на средба во Судскиот совет

Влијанието врз судиите, судиите поротници и било кој друг вработен во судството е кривично дело, а Судскиот совет е законски надлежен да ги заштити од било какви влијанија, изјави денеска претседателот на советот Сашко Георгиев откако претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми не се појави на средбата на која беше поканета, а требаше да се разговара за последните пишувања на медиумите дека судии од Врховниот суд се под притисок како и изјавата на Адеми дека присутна е политичка закана за разрешување на врховни судии. 

Објавено на

часот

Сподели

„Судскиот совет функционира и работи за да ги штити судиите. Од тие причини и мотиви, наша должност е, и баравме да имаме средба, да разговараме со претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми. Стоиме на располагање за кој било судија, дали од Врховен или друг суд, да ја отвориме дискусијата за евентуалните политички притисоци и влијанија и да се ставиме во функција на заштита на судиите“, изјави претседателот на Судски совет Сашко Георгиев.

Тој соопшти дека Адеми ги информирала писмено дека нема да дојде.

Георгиев упати порака до сите судии и ги охрабри ако имаат какво било влијание да го известат Судскиот совет.

„Апсолутно е недозволиво какво било влијание врз судија или поротник. Согласно закон какво било влијание е кривично дело, што значи веднаш ќе го известиме обвинителството“, рече Георгиев.

Судијата Ивица Николовски, член на Советот, порача дека Судскиот совет има обврска и ќе ги заштити судиите.

„Од колегите и граѓаните ни доаѓаат разни претставки, но досега не сме дошле до сознанија дека некој им вршел притисок. Доколку имаме такви сознанија ние би постапиле за да се зацврсти прво довербата меѓу судиите дека Судскиот совет ќе ги заштити од било какви влијанија и притисоци“, изјави Николовски.

Судијката Антоанета Димовска, најновиот член на Советот, рече дека ја поздравува транспарентноста на Беса Адеми со медиумите, но не и, како што вели, да имаме искривена слика.

„Ние не сме овде за да кажеме дека работите се идеални затоа довербата во судството е таква, каква  што е. Но овој Судски совет во состав таков, каков, што е, е надлежен да се грижи за судиите. Тое е местото на кое прво мора да бидат адресирани проблемите. Нашата покана беше за една конкретна точка, на која требаше да разговараме за наводните притисоци, за кои ние не знаме и може да се вистинити. Јас не знам дали од Врховниот суд веруваат во овој Судски совет но сметам дека тоа е местото каде што треба да се обратат“, изјави Димовска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ