сабота, 19 октомври 2024

Георгиев: Го критикуваат судството кое мора да ги почитува законите кои ги предлага Владата, а ги носи Собранието

Се наоѓаме во состојба каде што судството е на удар на критики, а законодавниот дом, односно извршната власт донесе закони што автоматски се одразија како последица на застарувањето на добар дел од предметите, познати, звучни во јавноста. Од друга страна, истата оваа извршна структура реагира и бара причини зошто предметите застареле, изјави денеска претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев пред почетокот на работилницата за дигитализација на судството што се одржува во Охрид. А заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска денеска потврди дека предлог-законот за амнестија е поминат на Влада и е доставен во Собранието и се очекува да се најде на дневен ред на пленарна седница во четврток. 

Објавено на

часот

Сподели

„Многупати имам кажано дека постојат и други алтернативни мерки, дека не мора со законот за амнестија да се испразнат затворите, тоа може да биде и условен отпуст, пробација и тогаш мислам дека многу многу повеќе ќе се растоварат затворите, бидејќи и анализите на Управата за извршување на санкции покажаа дека станува збор за многу помал број на затвореници кои би ги напуштиле затворите со овој предлог-закон“, изјави Аврамовска денеска во Охрид пред почнувањето на работилница за дигитализација на судството.

Во однос на инсистирањето на првиот човек на Министерството за правда за носење на овој закон, Аврамовска појаснува дека предлог-законот за амнестија е предложен со цел да може да се намали бројот на осуденици во казнено поправните установи, којшто во моментов е прилично голем. Притоа таа наведува дека единственото нешто што во јавноста е коментирано е дека кога ќе се донесе тој закон, одредени случаи што се од јавен интерес, ќе може да предизвикаат незадоволство. Најавува дека пратеничката група на СДСМ ќе поднесе амандман.

„Не е добро тие осуденици да излезат. Затоа со нашата пратеничка група тогаш се разговараше дека може да се предложи амандман којшто ќе го спречи излегувањето на тие осуденици, бидејќи станува збор за предмети кои се од јавен интерес, како што во јавноста се побуди незадоволство за „Монструм“.  Тоа од страна на нашата пратеничка група нема да биде дозволено. Значи ќе се достави амандман како што и веќе претходно беше кажано“, рече Аврамовска. 

Според претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев, со дел од законските измени направени во изминатиов период, на некој начин се врши упад во судството.

„Можам да се согласам дека на некој начин се врши упад во судството со ваквите измени. Сепак, се наоѓаме во една состојба каде што судството е на удар на критики, а имаме состојба каде законодавниот дом, односно извршната власт донесе закони што автоматски се одразија како последица на застарувањето на добар дел од предметите, познати, звучни во јавноста. Од друга страна, истата оваа извршна структура реагира и бара причини зошто застареле, како критика во однос на судството за голем дел на застарени предмети. Значи сметам дека мораше да се најде соодветен начин. Доколку имаше таква намера да се најдеше еден транспарентен начин да се анализираат последиците и нормално да се вклучи судството и да се видат сите овие можни последици и предизвици. Остана критиката да ја носи судството спроведувајќи го законот“, вели Георгиев.    

 Во однос на тоа дали може да се амнестира судството за ваквите состојби, тој потврдува дека за некои предмети постапката траела недозволиво долго, но наведува и дека тоа се сепак процедури поврзани со судски постапки.

„За дел од тие постапки факт е дека на некој начин доцнеше правда, но тоа се сепак постапки каде што има прво пресуди во основните судови, па повторувања на некои предмети. Тоа се сепак судски постапки каде што не навлегувам, тоа се одлуки на второстепени или третостепени судови“, посочува Георгиев. 

Предлог законот за амнестија е предвидено да се донесе по скратена собраниска постапка. Со него се очекува да бидат целосно ослободени од затворска казна 286 осуденици, а делумно да бидат амнестирани 996. Во моментот, 2114 осуденици издржуваат затворска казна, а 2813 чекаат да влезат во затвор. За тие што чекаат ред за издржување на затворска казна, од Министерството за правда наведуваат дека дополнително ќе се утврдува колку од нив ќе бидат опфатени со амнестијата.

Во однос на градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, кој беше ставен на црната листа на САД и за кој и по четири месеци нема разврска во ниту еден од предметите, заменик министерката за правда не даде конкретен коментар.

„САД е наш стратешки партнер и секогаш треба нивните пораки и позитивни, па дури и критики, да ги сфатиме сериозно и институциите коишто треба да ги спроведат, да може малку да се погрижат што побрзо тоа да оди. Во однос на судските одлуки и одлуките на Јавното обвинителство, во однос на застарувањето не би сакала никогаш да го коментирам, затоа што не знам точно за кои предмети станува збор, ниту пак од кои причини тие застареле“, вели Аврамовска.  

За претседателот на Судскиот совет, случајот со Мерко и застарувањето на предметите е последица на измените на Кривичниот законик. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ