понеделник, 18 ноември 2024
Градоначалници повикани во полиција

Ганиу и Касами добија по две прекршочни пријави заради отсуство на македонско знаме и химна на настаните со Курти

Објавено на

часот

Сподели

„Одлучиле дека треба на товар да ми стават два прекршоци, а причината за тоа е посетата на премиерот Курти. Во разговорот што го имав во полициската станица, полицијата се повикува на законите, па рекоа дека не се пеела македонската државна химна и дека не се вееле македонски државни знамиња. Па немаше ниту химна или знаме на Косово, зашто протоколот не го предвидуваше тоа“, изјави Ганиу.

Инаку, настанот во Чаир беше во петокот, кога во чест на Курти, улицата Втора македонска бригада беше преименувана во улица Адем Демачи.

Во Тетово пред зградата на Општината беше организиран свечен пречек, потоа беше организирано обраќање на плоштадот со голем концерт потоа, а Курти беше однесен и во Вејце, каде станало збор за изградба на пат Тетово – Призрен. На настанот во Тетово, како што беше видено на видео-снимки, беше истакната и карта на голема Албанија, од што пак партијата на Касами се огради, велејќи дека не може да се одговара за нешто што го сторил поединец од публиката.

„Ваквите обиди за страв и замолчување како во времето на комунизмот воопшто не нè плашат, продолжуваме со кренати глави. Помалку нè плашат кога овие уцени и обиди да ја попречат здружената опозиција доаѓаат од корумпирани и уценети владетели кои сега си ги бројат деновите на прсти. Времето на заплашување на Албанците, нивно апсење и носење во озлогласени полициски станици е мртво, заедно со тоа наскоро ќе умре и овој ваш комунистички режим. Вие продолжувате да бидете вазали на Белград, затоа што таму ќе завршите сите, додека ние како опозиција се среќаваме со овој народ и се плашиме само од албанскиот народ“, порача преку Фејсбук Касами.

Од Алтератива, чиј лидер Африм Гаши исто така беше присутен како претставник на опозицискиот албански блок на овие настани, реагираат дека власта со вакви потези оди кон бездна и дека Никола Груевски бил последниот кој применил сила кон неистомислениците.

„Осудувајќи го овој чин како срамен и тенденциозен, треба да кажеме дека ако овој чин се случил со наредба на Вучиќ, за што сериозно се сомневаме, тогаш тоа е панично однесување на власта заради очекуваниот пораз на следните избори што го чека ‘соравија-брако’ коалицијата. Како и да е, ако оваа власт смета дека полицијата, силата, уценувањата и насилството се начини за да се бори против оваа коалиција и да згасне опозицискиот ентузијазам, тогаш треба да потсетиме дека оваа е најдобриот начин само да се забрза нивниот пораз.
За нивна информација, последниот кој употребил полициска сила против политичарите од другите табори сега се наоѓа во Будимпешта“.

„Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, и тетовскиот Билал Касами, беа поканети од полицијата на информативни разговори, а единствена причина беше премиерот на Косово, Аљбин Курти, во Скопје и во Тетово. Овој сталинистички метод на информативни разговори, кој во времето на комунистичка Југославија најмногу го чувствуваа Албанците, покажува дека рецидивите од минатото сè уште се консумираат кај нас, но овој пат и кај некои Албанци кои моќта ја сфаќаа како таткова градина“, напиша на Фејсбук лидерот на Демократско движење, Изет Меџити, кој исто така беше присутен на настанов во Чаир, и кој како градоначалник на Чаир во 2021 стоеше зад иницијативата за промена на името на улицата Втора македонска бригада одобрена од Советот на Град Скопје.

Министерството за внатрешни работи пак, издаде официјално соопштение базирано на Одделот за криминалистичка полиција, Секторот за општ и насилен криминал, во координација со Секторите за внатрешни работи Скопје и Тетово, во кое се вели дека до надлежните Основни судови поднесе барања за поведување на прекршочна постапка против правните лица Општина Чаир и Општина Тетово и одговорните лица во овие правни лица, градоначалниците на овие општини В.Г. и Б.К.

„За време на официјалната посета на косовската делегација на нашата држава, предводена од претседателот на Владата на Република Косово, г.Албин Курти, при организираниот пречек на 11.08.2023 на ул.Ферид Мурати во Скопје и на Градскиот плоштад во Тетово, не е постапено согласно Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Република Северна Македонија. Односно за време на манифестациите организирани по тој повод не е интонирана државната химна и не е поставено државното знаме на Република Северна Македонија, со што е сторен прекршок по чл.30 од истиот закон.

МВР продолжува со потрага по лицето кое на една од манифестациите вееше знаме на голема Албанија и по негово пронаоѓање против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава“, се вели во соопштението на МВР.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ