сабота, 30 ноември 2024

ФТ: Западот мора да се подготви за криза во Грузија

Грузија го загуби правецот. Додека земјата се подготвува за избори следниот месец, многумина што се против владејачката партија Грузиски сон веруваат дека таа ќе направи сѐ за да ја задржи власта. Руските лидери веќе предвидуваат насилен епилог по изборите. По долгогодишната интеграција во евроатлантските структури, Бидзина Иванишвили, де факто лидерот на Грузија, чувствувајќи дека тој и членовите на неговиот табор што управуваат со регионите ја губат моќта, скршна од тој курс. Грузија сега талка во ничија земја меѓу Западот и светот што го сочинуваат Русија и БРИКС, пишува Фајненшл тајмс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Западните лидери треба да се подготват за голема криза во Грузија. Мора да имаат подготвен план.

Атмосферата во Тбилиси зовре. За некои, таа потсетува на парламентарните избори во 2012 година, кога Иванишвили го победи Михаил Саакашвили. Саакашвили дојде на власт во 2004 година, а првите четири години беа исполнети со оптимизам и напредок. Потоа, по воената интервенција на Русија во Грузија во 2008 година и глобалната финансиска криза, неговата администрација се лизна во авторитаризам, насилство и корупција. Таа траекторија се повтори и во времето на Иванишвили.

Оваа пролет, десетици илјади демонстрираа против законот за „странски агенти“ за невладините организации, кој беше инспириран од руското законодавство. Ова не е бениген чин чија цел е финансиска транспарентност, туку е дизајниран да ги затвори надзорните органи и другите што ја следат корупцијата и ја повикуваат владата на одговорност. Владата подготвува и законска регулатива против ЛГБТ „пропагандата“. Сето ова е трагедија. Војната во Украина отвори сосема неочекувана можност за Грузија, што резултираше со понуден кандидатски статус за членство во ЕУ.

Можеби Иванишвили, за разлика од повеќето Грузијци, никогаш не го сакал овој неочекуван подарок. Усогласувањето со стандардите на блокот, барем за придружувањето, би значело голем пресврт во начинот на управување со земјата, вклучувајќи го и судството.

Сепак, поради неодамнешните активности на владата, пристапниот процес е закочен, иако Иванишвили и натаму ветува членство во ЕУ до 2030 година.

И покрај заканите и тепањата на активистите, опозициските лидери во Тбилиси се убедени дека власта им е на дофат на раката. Иванишвили, велат, ја загуби моќта. Тој се жали на мистериозна „глобална воена партија“ што ги финансира невладините организации и одлучила да ја вовлече Грузија во „вториот фронт“ на војната против Русија. Опозицијата е разновидна, но владејачката партија сето тоа го означува како „колективна УНМ“, алудирајќи на партијата на Саакашвили, кој сега е во затвор.

Да гласаа само жителите на Тбилиси, опозицијата лесно ќе можеше да победи. Сепак, тоа не е така. Во малиот град Акалтсика, во близина на границата со Турција, локалните жители велат дека секогаш гласаат за партијата на власт. Една од причините е што голем број работни места во местата како Акалтсика зависат од општината или државата. Луѓето стравуваат дека ако се смени власта, нивниот шеф ќе биде заменет со некој од победничката партија, кој пак ќе ги прераспределува работните места и договорите кон своите роднини и пријатели.

И луѓето се заплашени. Тамуна Учидзе, која работи за разгранокот на Транспаренси интернешнел во Акалтсике, антикорупциска организација, рече дека видела пораки од локалниот универзитетски професор што им наредувал на своите студенти да присуствуваат на митингот на Иванишвили. Ако не го сторат тоа, вели тој, тоа ќе се одрази на нивните оценки.

Иракли Лазарашвили, градоначалникот од партијата Грузиски сон, се потсмева на изјавите дека неговата партија се приближува кон Москва. „Русија ни е непријател“, вели тој. „Нашиот пат кон Европа никогаш нема да биде запрен.“

Аналитичарите и истражувачите на јавното мислење сметаат дека Грузиски сон и опозицијата се поединечно поддржани од околу една третина од гласачкото тело, додека другите се неопределени.

Тоа значи дека работите би можеле да тргнат на полошо во октомври. Сергеј Наришкин, директор на руската надворешна разузнавачка служба, рече дека ако опозицијата загуби, САД планираат „Мајдан во Тбилиси“, мислејќи на државен удар. Тоа е апсурдно. Но ако Грузиски сон не победи, тие можеби нема да го признаат тоа, што може да доведе до демонстрации, па дури и до насилство. Ако победи чесно, Тбилиси ќе продолжи да се оддалечува од Западот. Ако загуби, но се обиде да ја задржи власта, Грузијците ќе бараат помош од Западот и во тој случај дејствијата на тие влади би можеле да бидат одлучувачки. Ека Метревели, која ја предводи Грузиската фондација за стратегиски и меѓународни студии, вели дека нејзината земја сега се движи кон неутралност и кон сферата на влијание на Русија. Таа тврди дека огромно мнозинство Грузијци „не го сакаат тоа“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ