Според американските медиуми, нацрт-законот не кажува кои платформи ќе бидат забранети, но ги таргетира сите социјални медиуми кои ја следат активноста на корисниците, им дозволуваат на децата да поставуваат материјали и да комуницираат со други, како и користат карактеристики кои предизвикуваат зависност осмислени да предизвикаат прекумерна или компулсивна употреба.
Нацрт-законот не се однесува на апликациите што се користат за приватни пораки меѓу поединци.
„Тие го искористуваат растењето на децата. Тоа е нивниот бизнис модел. И зошто го прават тоа? За да ги држат закачени…со допамински удари што платформата им ги дава на нашите деца со секоја автоматска репродукција, со секој лајк, со секоја нотификација“, рече републиканскиот пратеник Тајлер Сироис, кој стои зад законот.
Законот беше усвоен со 106 гласа „за“ и 13 „против“, а мерката ќе бара социјалните мрежи да ги отстранат сметките на сите помлади од 16 години.
Предлог-законот сѐ уште чека одобрување во Сенатот, кој исто така е под контрола на републиканците, како и во Претставничкиот дом на Флорида.
Претседателот на Претставничкиот дом Пол Ренер рече дека забраната е еден од неговите приоритети на агендата за заштита на децата во државата, заедно со нацрт-законот за ограничување на пристапот до веб-страниците за возрасни, кој пратениците исто така го усвоија во средата.
„Треба да се справиме со негативните ефекти на социјалните мрежи и да овозможиме добар развој на нашите деца. Флорида има обврска и интерес да ги заштити децата, нивното ментално здравје и нивното детство“, рече Ренер.
Законот исто така ќе бара од компаниите трајно да ги бришат личните податоци собрани од укинатите сметки.