вторник, 3 декември 2024

Северна Кореја демонстрираше нова огромна интерконтинентална балистичка ракета

„Северна Кореја демонстрираше моќ со тестирање на нова огромна интерконтинентална балистичка ракета со цврсто гориво Хвасонг-19“, објавија државните медиуми, додека меѓународната заедница е загрижена поради севернокорејските трупи распоредени за поддршка на Русија во Украина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Ракетата лансирана вчера полета подалеку од која било претходна севернокорејска ракета, тврди Пјонгјанг, но и војските на Јужна Кореја и Јапонија, кои го следеле нејзиниот лет длабоко во вселената пред да се урне во океанот меѓу Јапонија и Русија.

Државната новинска агенција КЦНА ја пофали како „најмоќната стратегиска ракета во светот“.

Додека остануваат отворени прашањата за способноста на Северна Кореја да води таква ракета и да обезбеди нуклеарна боева глава додека се враќа во атмосферата, Хвасонг-19, како и другите најнови севернокорејски интерконтинентални балистички ракети, покажа дострел доволен за да нападне речиси каде било во Соединетите Држави.

„Новиот тип интерконтинентална балистичка ракета му докажа на светот дека хегемонската позиција што си ја обезбедивме во развојот и производството на средства за носење нуклеарно оружје од ист тип е апсолутно неповратна“, рече севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун надгледувајќи го лансирањето, објави КЦНА.

Лансирањето, извршено неколку дена пред претседателските избори во САД во вторник, наиде на брза осуда од Вашингтон и сојузниците во Јужна Кореја, Јапонија и Европа, како и од генералниот секретар на Обединетите нации.

„Ракетата продолжува да го гарантира растечкиот кредибилитет на способностите за стратегиско одвраќање на Северна Кореја“, рече Анкит Панда, виш соработник во американскиот фонд Карнеги за меѓународен мир, додавајќи дека се чини дека Ким е особено заинтересиран да ја пренесе таа порака до Соединетите Држави.

Портпаролот на јужнокорејското министерство за обединување, кое се занимава со односите со Пјонгјанг, наведе неколку можни причини за лансирањето, вклучително и демонстрација на воена технологија, притисок врз Вашингтон и дефокусирање од прашањето за испраќање севернокорејски војници во Русија.

Хвасонг-19 прелета 1.001,2 километри за 85 минути и 56 секунди пред да слета во морето на источниот брег на Корејскиот Полуостров, додека неговата максимална надморска височина е 7.687,5 километри, објави КЦНА.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ