среда, 11 декември 2024

Измените на Законот за основно образование претставува најгрубо кршење на правата на децата, реагираат од Платформата за родова еднаквост

Платформата за родова еднаквост најостро реагира на предлогот на Министерството за образование и наука (МОН) предлог законот за изменување и дополнување на Законот за основно образование со кој се менува членот за заштита од дискриминација на начин што ги отстранува дискриминаторските основи род, сексуална ориентација и родов идентитет, велат во денешното соопштение од Платформата за родова еднаквост. Дополнително, велат оттаму дека со загриженост реагираат и на постапката на министерството со која во „предлогот ја отстранило родовата еднаквост, заменувајќи ја со зборовите ‘еднакви можности’“.

Објавено на

часот

Сподели

„Овој чекор не претставува преседан. За жал, сексуалната ориентација и родовиот идентитет не се вметнати како дискриминаторски основи ниту во предлог законот за средно образование. Со овие одлуки МОН постапува спротивно на Законот за спречување и заштита од дискриминација кој ги содржи дискриминаторските основи род, сексуална ориентација и родов идентитет и кој налага законодавството да се усогласува со овие одредби“, реагираат од Платформата за родова еднаквост.

Платформата за родова еднаквост смета дека со ова, МОН праќа јасна порака дека одредени групи не се заштитени од дискриминација, дури ни во најсензитивните области, како што е образованието.

„Законот за основно образование се менува со цел да се спроведе пресудата на Европскиот суд за човекови прва (ЕСЧП) ‘Елмазова и други против Северна Македонија’, со која требаше да се донесат законски измени за да се спречи сегрегацијата на Ромите во основното образование. Платформата за родова еднаквост ја поздравува и поддржува првичната намера за измена на законот, но реагира на искористувањето на една доблесна иницијатива за озаконување на дискриминацијата, и користење на истата како параван за охрабрување на дискриминацијата врз основа на род, родов идентитет и сексуална ориентација, како и за одржување на родовите стереотипи, насилство и нееднаквост. За жал, констатираме дека ваквата постапка не враќа пред 1946 година, и води единствено кон зацврстување на патријархалното насилство и континуираното исклучување на најранливите деца“, велат од Платформата за родова еднаквост.

Според Платформата за родова еднаквост, „оваа постапка претставува најгрубо кршење на правата на децата, како и директно загрозување на нивниот ментален и физички интегритет.

„Кога институциите системски ќе исклучат и избришат одредени групи ученици, тогаш тие директно даваат сигнал дека се охрабрува понатомошното исклучување и опресија во општеството на овие групи. Дополнително, ваквите постапки им даваат сигнал на агресорите, од коишто жените, девојчињата и ЛГБТИ+ учениците трпат постојано насилство, дека нивните постапки се само продолжеток на тоа како институциите ги третираат овие групи, нормализирајќи го нивното насилство. Преку овој чин Министерството за образование и наука се обидува да замижи и избрише кои се најчестите жртви на насилство, и додека се спроведуваат кампањи за спречување на врсничко насилство во образовниот систем, може да заклучиме дека ова се попусто потрошени пари, вложени ресурси и залажување на јавноста за наводната безбедност на децата. Во суштина, со сегашниот предлог закон проблемите не можат нити да бидат именувани со вистинското име, а најмалку пак да бидат адресирани корените, и решени предизвиците со ученичкото меѓуврсничко насилство“, сметаат од Платформата за родова еднаквост.

Оттаму, како што велат, „потсетуваме дека МОН има обврска да го усогласува законодавството со Законот за спречување и заштита од дискриминација, што подразбира дека сите дискриминаторски основи помеѓу кои родот, сексуалната ориентација и родовиот идентитет треба доследно да бидат вметнати“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ