вторник, 19 ноември 2024

ЕК за кластер 1, Македонија е „умерено“ подготвена за членство во ЕУ

Објавено на

часот

Сподели

Меѓу другото, во нацрт-извештајот ЕК смета дека т.н. „балансер“, алатката за човечки ресурси, кој го одредува процентот на застапеност на вработени во јавниот сектор од секоја етничка група повеќе не ги исполнува целите. Во извештајот се забележува и тоа дека не се почитуваат препораките на Венецијанската комисија за преиспитување на одредбите од Законот за употреба на јазиците поврзани со двојазичноста во судските постапки. 

Од Брисел велат дека владејачката коалиција не може да го собере своето мнозинство, што паралелно со блокадите на најголемата опозициска партија го одложува усвојувањето на многу предлог-закони, извештаи на регулаторни тела и неколку именувања.

 

Кластерот 1 „Фундаментални вредности“ ги опфаќа поглавјата судство и фундаментални права (23), правда, слободи и безбедност (24), јавни набавки (5), статистика (18), финансиска контрола, функционирањето на демократските институции, реформите во јавната администрација и економските критериуми. 

Во извештајот се оценува и работата на Собранието при што е забележана потребата од ограничување на носењето закони по брза постапка. Нотирана е и забелешката дека поларизацијата на политичките партии ја нарушува работа во Собранието. 

Во делот за правосудството се вели дека добра е усогласеноста на домашната законодавна и институционална рамка со онаа на ЕУ, но независноста на судиите и обвинителите и интегритетот на сите нивоа на правосудството и натаму се отворени прашања. Македонија е умерено подготвена во функционирањето на судството, пишува во нацрт-извештајот.

Умерена е и оценката за борбата со корупцијата во Македонија.

Од Секретаријатот за европски прашања (СЕП) соопштуваат дека оценката на Комисијата во Извештајот се заснова на информациите добиени за време на скринингот, како и на дијалогот што се води во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, како и годишните извештаи на Европската комисија кои се дел од пакетот за проширување. „Ова е само нацрт-извештај кој допрва ќе се дискутира од страна на земјите членки на ЕУ и доаѓа во вистинско време кога интензивно работиме на изработка на патоказите“, вели вицепремиерто Маричиќ.

„Извештајот ја отсликува состојбата на државата и дава насока за идните реформи кои Северна Македонија треба да ги направи во областа на владеењето на правото, односно реформите во правосудството, борбата против корупцијата и организираниот криминал и човековите права, како и да го зајакне функционирањето на демократските институции и реформата во јавната администрација, со цел исполнување на условите за членство во Унијата. Извештајот за нас е водич и основа за подготовка на клучните документи – Патоказите за владеење на правото, функционирање на демократските институции и реформа на јавната администрација, а истовремено е рефлексија на скрининг-процесот, кој трае скоро една година. Поединечните наоди ќе ги коментираме во натамошна фаза кога ќе треба да се вградат во Патоказите, кои ќе бидат консултирани со сите општествени чинители, во еден транспарентен и инклузивен процес“, соопшти СЕП.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ