вторник, 19 ноември 2024

Егзодус на западните мејнстрим медиуми од Икс поради „ширење дезинформации“

Западните мејнстрим медиуми почнаа да го напуштаат Икс, поранешен Твитер, кој некогаш беше омилена платформа на глобалните медиуми, а сега го обвинуваат дека овозможува ширење дезинформации под својот сопственик Илон Маск, сојузникот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, пишува француската новинска агенција Франс прес.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Наведувајќи ја како причина „грубата и екстремна“ атмосфера, шведскот либерален весник Дагенс нихетер во петокот стана третиот поголем медиуми кој престана да објавува свои написи на социјалната платформа.

„Откако ја презема Илон Маск, платформата се стопи со неговите и политичките амбиции на Трамп“, кажа главниот уредник Петер Володарски.

Британскиот дневен весник од левиот центар Гардијан уште во средата најави дека повеќе нема да објавува содржини на своите официјални профили на Икс, кој го нарекоа „токсичен“.

Шпанскиот весник Вангардија ден подоцна го направи истото, порачувајќи дека е спремен да изгуби претплатници но не и да остане на „дезинформациската мрежа“.

Дел од корисниците уште во 2022 се прашува дали треба да останат на Твитер кога Маск, претприемачот познат по автомобилската компанија Тесла и вселенската фирма Спејсекс и драстично го намали уредувањето во корист на слободата на говорот.

Прашањето почна погласно да се поставува откако Трамп месецов победи на американските претседателски избори, во што Маск активно го поддржа.

Тимот на Трамп го постави Маск, најбогатиот човек во светот, да го предводи новото министерство за ефикасност на владата.

Критиките на сметка на Твитер се постари од преземањето на Маск, а беа фокусирани на архитектурата на мрежата која навидум ги фаворизираше кавгаџиските расправи и огорченоста.

Се сметаше и дека мрежата дава неврамнотежена слика на општеството и дека е наклонета кон луѓето со поголеми приходи и активистите.

Не се јасни точните последици на медиумите, кои веќе се во економска криза, да го напуштат Икс, но веќе очекуваат пад на читаноста.

„Веројатно ќе изгубиме некои претплати бидејќи некои читатели се претплатуваат откако ќе видат вест на социјалната мрежа“, кажа шефот на Вангарија Жорди Хуан за Франс прес.

Во октомври 2023, шест месеци откако американскиот медиум НПР го напушти Икс, извештајот на фондацијата за новинарство Нимена ефектите на таа постапка ги оцени како „занемарливи“.

Се чини дека од медиумското повлекување од Икс корист има Блускај, децентрализирана социјална платформа која нуди многу функции како поранешен Твитер.

Блускај во петокот објави дека добил милион корисници за 24 часа.

Но, неговите 16 милиони корисници и понатаму се значително помалку од оние на Икс, за кој се проценува дека има неколку стотици милиони.

„Грубо кажано, нема алтернатива за она што Икс го нуди денес“, вели Винсент Бертие, шеф на технолошкиот оддел на Репортери без граници за Франс прес. „Но, можеби ќе треба да ја создадеме“.

Бертие заминувањата од Икс ги нарекува „симптом на неуспехот на државите да ги регулираат платформите“.

Маск можеби е „радикалното лице на овој информациски кошмар“, смета Бертие. „Но, проблемот е значително подлабок“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ