среда, 27 ноември 2024

Една година без Вања, се чекаат одговори за нејзиното грабнување и свирепа смрт

Пред точно една година на денешен ден малолетната Вања Ѓорчевска излезе од дома и повеќе не се врати. Беше киднапирана, па свирепо убиена, а за нејзината смрт има судски процес. Јавноста, а и блиските на Вања чекаат одговори за тоа што се случило тој кобен 27 ноември, 2023 година. За ова незапаметено злосторство првоосомничен е Љупчо Палевски Палчо, а на обвинителната клупа се Влатко Кешишев, Велибор Манев и Боре Видоевски, како и Александар Ѓорчевски, таткото на Вања.

Објавено на

часот

Сподели

„На 27.11.2023, обвинетите, помогнати од обвинет родител, извршиле грабнување на девојчето во влезот од зграда на улицата Наум Наумовски-Борче во Скопје. Ја врзале и ја однеле во близина на местото наречено Дупки, во атарот на селото Бразда, па таму на свиреп начин со умисла го лишиле од живот малолетното лице“, стои во обвинителниот акт.

Обдукцијата покажа дека Вања починала откако и било пукано во глава.

Обвинителите пред два дена соопштија дека имаат материјални докази оти Љупчо Палевски-Палчо е сторител на убиството на Вања и на велешанецот Панче Жежовски. Според обвинението, таа беше киднапирана на 27-ми ноември 2023 година од влезот на нејзината зграда, а потоа убиена.

Вања и Панче беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година. Шефот на скопското Обвинителство, Гаврил Бубевски, за свирепите убиства ќе изјави дека материјалните докази во истрагата за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски одат во насока на тоа што тројцата соизвршители го зборувале во исказите пред полицијата и Обвинителството.

Доказите со кои располага Обвинителството го потврдуваат она што го кажаа осомничените, рече  шефот на скопското обвинителство Гаврил Бубевски во врска со истрагата за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. 

„Во однос на фактите што произлегуваат од целокупниот доказен материјал конечно ќе се произнесеме со обвинение. Истрагата во однос на дејствијата е на тоа ниво на кое што ви кажав и минатиот пат. Се испитуваат материјалните докази и тие зборуваат со истиот јазик со којшто зборуваа и осомничените.“, изјави по двете убиства, Бубевски. 

МВР лани објавија дека девојчето било убиено неполни три часа по исчезнувањето.

Тогашниот министер за внатрешни работи по убиството на Вања лани рече дека мотивот е користољубие.

„МВР во координација и под водство на ЈО го расчисти случајот, се обезбедуваа доказите. Разрешницата не не доведе до исходот кој го посакувавме сите ние, туку двете лица и малолетничката и лицето од Велес, кои беа закопани едното во околината на Скопје, другото во околината на Велес“, рече ексминистерот Оливер Спасовски на прес-конференцијата која беше одржана по сознанијата дека Вања е убиена.

„Преземените мерки не доведоа до извршителите на овој грозоморен чин. Осомничени се пет лица за три е определена мерка притвор, едно е надвор од државата, а таткото на малолетничката е приведен и извршен е распит“, рече тогаш Спасовски.

Судскиот процес кој е во тек го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ