Како што информираа од ДЗР, со извршената ревизија, ревизорите се стекнале со разумно уверување дека остварените сопствени приходи на општините во 2020 година бележат намалување од 15,2% во однос на претходната година и нивниот износ од 8 илјади денари по глава на жител, не е доволен за креирање на ефикасни политики на локално ниво и нивно ефективно спроведување со цел обезбедување на квалитетни услуги за граѓаните.
Во Македонија сите општини имаат исти надлежности, во услови на различни географски, демографски и социоекономски капацитети. Преземените мерки во насока на зголемување на сопствените приходи на општините претставуваат солидна основа за нивна подобра финансиска состојба, но сепак не се доволни за успешно да ги извршуваат законските надлежности. Од тие причини дел од надлежностите се финансираат преку дотации од централната власт и донации обезбедени од меѓународни извори, констатирале ревизорите.
„Во вкупните остварени приходи на општините, со најголемо учество од 50 отсто се средствата добиени од централната власт по основ на блок дотации за финансирање на тековни трошоци и плати на вработените во областа на образованието, детската заштита, културата и противпожарната заштита, со 38 отсто се сопствени приходи, со 6 отсто се приходите од пренесен данок односно дотација од данок на додадена вредност, а со по 2 отсто учествуваат приходите од самофинансирачки активности, приходите од донации и од задолжување. Во услови на пандемија предизвикана од КОВИД-19, единиците на локалната самоуправа се соочија со огромни предизвици во работењето кои налагаа да се спречи ширењето на вирусот и да се заштити населението, преку непрекината испорака на локалните услуги, во услови на ограничени општински буџети и човечки ресурси. Забраната за организирање на настани во поголеми групи, одржувањето на социјална дистанца, изолацијата, редуцирањето на бројот на вработените во зависност од условите на работното место, времена забрана за вршење на одредени дејности и други превентивни мерки за заштита од пандемијата имаа влијание врз реализација на предвидените активности, кои беа менувани во зависност од актуелните потреби“, пишува во Извештајот на ДЗР.
Ревизорите констатирале дека влијанието на пандемијата во структурата на општинскиот буџет по извори на финансирање споредбено за 2019 и 2020 година покажува дека приходите на основниот буџет кои учествуваат со околу 40 отсто во вкупните приходи на општините, бележат пад од 15,2 отсто, а дотациите од централната власт кои зафаќаат ½ од вкупните приходи имаат зголемување од 12 отсто. Рапидно се зголемени приходите од задолжување (85 отсто) во однос на 2019 година.
„Отсуството на стратешко планирање за намалување на ризици од катастрофи со јасно дефинирани приоритети и стратешки цели на национално ниво, од кои произлегуваат мерки на краток, среден и долг рок, одговорни институции и утврдени индикатори за мерење на ефектите од имплементацијата како и не спроведениот процес на децентрализација во областа на здравствената заштита и подредената улога на општините во воспоставениот систем за справување со пандемијата предизвикана од КОВИД – 19, се причини општините да не се во можност да преземаат брзи и самостојни мерки за помош и заштита на населението во услови на пандемија. Во буџетскиот процес не е обезбедено почитување на принципите на партиципативност и транспарентност, што не претставува солидна основа за донесување на граѓански буџет во кој ќе бидат вклучени интересите и потребите на засегнатите страни. Само 5 отсто од граѓаните биле консултирани од нивната општина при изготвување на општински буџети и програми, додека 39 отсто сметаат дека во буџетот на општината не се вклучени потребите на жителите на општината“, констатирале ревизорите.
Неизвршените и ненавремено извршените изменувања и дополнувања на буџетите, односно прилагодување на расходите согласно остварените приходи кои во 2020 година се во висина од 70 отсто од планираните, резултираат со зголемено учество на обврските во сопствените приходи за 7 отсто во однос на претходната година. Зголемените обврски и рапидното зголемување на приходите од задолжување во однос на претходната година, во услови на продолжена здравствена и економска криза, не обезбедуваат уверување за финансиска стабилност и одржливост на општините, покажува контролата на општините.
„Активностите кои ги преземале општините за време на пандемијата се однесуваат на: редуцирање на јавен градски превоз, организирање на редарски служби пред јавни објекти, работа во смени на општинската администрација, отворање на бесплатен телефонски број за граѓаните на кои им е потребна помош за достава на храна и лекови, во соработка со Црвен крст достава на социјални пакети на ранливи категории на граѓани, промоција на јавно здравје, поставување на т.н. „речни корита“ на влезовите во општината за дезинфекција, организирање на начин на работа на зелени пазари…Поради недоволно остварени сопствени приходи, општините не извршиле соодветни програмски и економски прилагодувања на буџетите, за преземање на дополнителни активности за задоволување на потребите на граѓаните кои во периодот на пандемијата најмногу се од областа на здравството, образованието и социјална заштита, што резултира задоволството на граѓаните од квалитетот на општинските услуги да биде со просечна оценка 2.7 на скалата од 1 до 5“, велат од ДЗР.
Општините не преземале ниту активности за изработка на планови за пост кризно опоравување, во насока на надминување на здравствените и социоекономските последици што упатува на недостаток на визија за опоравување и мерки за прилагодување и градење на отпорност на општините, кои во услови на продолжена здравствена и економска криза треба да обезбедат одржливо опкружување за економски инвестиции и развој.