„Местото каде што се затекнати лицата е на катастарска парцела број 916, место викано Црни Врв, култура шума, сопственост на државата. Според зоните за заштита, местото се наоѓа во зоната на активно управување во рамките на Националниот парк Шар Планина. Насадот во кој е извршена бесправната сеча е квалитетна едновозрасна букова шума на добри месторастежни услови, со возраст од 60 до 80 години. Според спецификациите, во моментот кога се затекнати на лице место, лицата имаа соборено и вршеа обработка на 4 букови стебла со вкупна дрвна маса од 2,07 метри кубни, која дрвна маса обработена во сортименти со должина од 1 метар, погодни за огревно дрво, се наоѓаат на местото на сечата. Дрвната маса од бесправно посечени стебла во радиус од околу 100 метри е 77,18 метри кубни или 142 букови стебла“, соопшти Националниот парк Шар Планина.
Тие сметаат дека низ пошироката околина, која некогаш претставувала висококвалитетен шумски комплекс со голема површина, видливо е дека слични бесправни сечи се вршени пред прогласувањето на подрачјето за Национален парк.
„Чуварската служба направи обиколка на пошироката околина, при што беше евидентирана многу поголема штета. Ова како последица оставило деградирана шума, разбиен склоп, расфрлана недоработена дрвна маса која е неупотреблива и со загубен технички и калоричен капацитет. Не се забележливи никакви ознаки за организирана сеча, што значи дека сите овие активности се одвивале бесправно, се вели во соопштението на Националниот парк.
Вработените во паркот ги забележале двајцата жители околу пладне, додека СВР Тетово информираше дека на 28 февруари во 15:30 часот ги уапсиле М.Р. и З.И., двајцата од тетовското село Шипковица.