Според него, обработени се податоци од 3.100 избирачки места од вкупно 3.111 места.
„Останатите неколку избирачки места се наоѓаат во странство, информациите ќе бидат ажурирани кога податоците ќе станат достапни“, изјави Каландаришвили, пренесува руски Интерфакс.
Тој посочи дека покрај Грузискиот сон, цензусот го поминале и Коалицијата за промени со 10,92 отсто од гласовите, Обединетото национално движење со 10,12 отсто, Силна Грузија со 8,72 отсто и За Грузија со 7,76 отсто од гласовите.
Лидерот на партијата Грузиски сон, Мамука Мдинарадзе изјави дека партијата го освоила парламентарното мнозинство добивајќи околу 90 мандати.
Опозицијата, исто така, прогласи победа, тврдејќи дека е на пат да добие мнозинство.
Коалицијата за промени во саботата вечерта, откако Централната изборна комисија ја прогласи победата на Грузиски сон, соопшти дека нема да ги признае изборните резултати и најави почеток на улични протести од денеска.
Владејачката партија Грузиски сон се залага за подобри односи со Руската Федерација, додека четирите најголеми опозициски партии се проевропски настроени.
Според руската агенција, тие четири партии ќе можат да формираат влада доколку заедно освојат повеќе од 50 отсто од гласовите.
Пред објавувањето на резултатите, излезната анкета на Формула покажа дека владејачката партија ќе биде единствената најголема партија, но дека четирите главни опозициски партии заедно ќе имаат 83 од 150 мандати.
Ројтерс наведува дека четирите опозициски партии се длабоко поделени и дека потенцијалната соработка останува неизвесна.