Соединетите Американски Држави и Британија одговори кон средината на јануари со напади на цели во Јемен, со оправдување дека сакаат да го осигураат пловењето. Јеменската група, пак, го прошири списокот на мети со бродови поврзани со САД и Британија. Бројни логистички компании ги пренасочија во меѓувреме бродовите околу Ртот на Добра надеж, што го продолжува пловењето и ги зголемува трошоците.
Од почетокот на војната во Украина руските извозници испорачуваат роба главно преку Црвено Море поради западните санкции. Поголемиот дел од руската нафта сега заминува во Кина и Индија, а пред војната главниот купувач беше Европа.
Во минатите две недели пловењето на нафтените танкери низ Црвено Море бележеше значителни прекини. Испораките на дизел и млазно гориво од Блискиот Исток и Азија во Европа се речиси прекинати со денови поради првиот бран американски и британски напади на Јемен, покажуваат податоците на аналитичката компанија Вортекс.
Бројот на руски бродови во транзит низ Црвено Море истовремено од декември е благо намален, според Вортекс, а минатата недела бил сепак за околу 20 отсто поголем од просекот во 2023.
Бродовите кои превезуваат руска нафта главно немаат врска со Израел, САД и Британија. Ги најмуваат и осигуруваат компании регистрирани во земји кои не ѝ вовеле санкции на Русија.
Бидејќи нивните врски со западни компании не се видливи, малку е веројатно дека тие бродови ќе бидат мета на напади. Многу бродови со руски товар сигнализираат дека не се поврзани со Израел преку системот за автоматска идентификација АИС, кој емитува низа информации, вклучувајќи ги позицијата и одредиштето на бродот, кажува аналитичарката на Вортекс Мери Мелтон.
Малку е веројатно дека минатонеделниот напад на јеменското движење на танкер со гориво натоварено во Русија ќе влијае на транспортот на руската роба бидејќи тој брод станал мета поради врски со британски и американски компании, вели Мелтон.
„Танкерот бил поврзан со корпорации со седиште во САД и Британија, па други бродови со руски товар, кои не се поврзани со такви компании, не се соочуваат со ризик“, смета таа.
Испораките на руска нафта ќе продолжат, имајќи го предвид нивото на побарувачка од Индија и Кина. Западните танкери, пак, ќе ја избегнуваат рутата преку Црвено Море и ќе пловат околу Ртот Добра надеж, вели Шефали Шокин, водечкиот аналитичар за бродски превоз од Дубаи.
Логистичките компании во секој случај очекуваат поголеми трошоци. За рутите низ Црвено Море бродските компании наплаќаат повеќе, а скокнале и премиите за осигурување од воени ризици.
Надоместот за екипажот денес е двојно поголем, а премиите за воен ризик сега изнесуваат околу еден отсто од вредноста на бродот, двојно повеќе отколку пред 10 дена, вклучувајќи ги попустите, откриваат извори од индустријата.