Како што изјави тој за Скај њуз, сојузниците постепено „ќе се изморат од војната“.
Говорејќи на маргините на големиот самит на НАТО во Вилнус, Павел истакна дека низата на важни избори следната година ќе создадат „сосема поинаква ситуација“.
Претседателот Павел тврди дека сојузниците оваа недела испратиле јасна порака дека Украина може да го започне процесот на пристапување во НАТО веднаш штом ќе заврши војната со Русија. Тој смета дека „во идеален свет“ победата на Украина би била дефинирана со целосно ослободување на територијата.
„Реално, мислам дека ситуацијата ќе изгледа малку поинаку и дека Украина ќе биде подготвена за преговори откако ќе ги исцрпи сите можности за напредување“, рече чешкиот претседател.
Тој смета дека и руската страна ќе почне да размислува за мировни преговори во одреден момент.
„Ако Русија не гледа шанси за понатамошен напредок, тоа ќе биде почеток на преговорите, бидејќи другата опција би била замрзнат конфликт што нема да служи на ниту една страна. Значи, она кон што сега цели Украина е да добие контрола врз што е можно повеќе територија до крајот на оваа година, бидејќи тогаш ќе имаме сосема поинаква ситуација“, додаде претседателот.
Тој е убеден дека на Украинците ќе ѝм биде „многу потешко да ги обноват своите сили за уште една потенцијална контраофанзива“.
Павел предвидува дека „подготвеноста на земјите кои ја поддржуваат Украина ќе се намали бидејќи, со заморот од војната, природна појава е поддршката да исчезнува со текот на времето“.