Бугарскиот весник „Труд“ ја пренесува реакцијата на бугарска организација во САД – „Пирин“ од Чикаго, заедно со други бугарски организации. Тие веќе испратиле протестни писма против резолуцијата која била полна со „фалсификати и манипулации“.
„По шлаканиците кои ОМД ги изедоа со обидот за резолуцијата 741 во 2022, со која титовците ја крадеа историјата на македонските Бугари во САД, сега титовците од ОМД се обидуваат со Резолуција 311, која е многу пократка, без никакви детали“, коментираат на социјалните мрежи членови на „Пирин“ и додаваат дека пак ќе „направат сѐ за да им попречат на титовците“.
Како што објави Гласот на Америка, резолуцијата спонзорирана од Брон, кој е единствен сенатор што е член на групата пријатели на Македонија и македонските Американци во Конгресот, прво треба да биде одобрена од сенатскиот комитет за судство, пред за неа да гласа целиот Сенат. Претседателот на Обединетата македонска дијаспора, Методија Колоски, објасни дека целта на резолуцијата е да се истакне многубројниот придонес на македонските Американци во САД во различни области.
„Оваа резолуција е особено важна во време кога државата се соочува со негирање на македонскиот јазик и идентитет од страна на Бугарија“, изјави тој за Гласот на Америка на македонски јазик.
Се проценува дека денес во САД живеат околу 500.000 граѓани со македонско потекло, од кои најголем број во сојузните држави Мичиген, Њу Џерси, Њујорк, Охајо, Индијана, Илиноис, Пенсилванија, Флорида, Тексас, Аризона и Калифорнија. Десетици илјади Македонци заминале во САД во 1880-тите години, други во виорот на Балканските војни 1912-1913 година, потоа за време на Првата и Втората светска војна, на Граѓанската војна во Грција од 1946-1949 година, но и во времето на СФРЈ.