понеделник, 22 јули 2024

Британците денеска гласаат, се очекува невидена катастрофа за конзервативците

Милиони луѓе низ целото Обединето Кралство денеска гласаат на избори, а анкетите покажуваат дека централно-левичарската Лабуристичка партија е на пат да обезбеди големо мнозинство во Долниот дом и да формира нова влада. Избирачките места се отворени од 7 до 22 часот. Во можеби неговиот последен ден на функцијата, премиерот Риши Сунак вчера ги повика гласачите да го „спасат Обединетото Кралство“ од лабуристичко мнозинство со тоа што ќе гласаат за конзервативците.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

На Сунак му се придружија родителите и сопругата Акшата Мурти на завршниот говор на изборната кампања. Во својот последен говор пред кампањата, лидерот на лабуристите Кир Стармер ги повика гласачите „да замислат една Британија што напредува со лабуристичката влада“.

Како фаворит да биде следниот премиер, Стармер рече дека е задоволен од кампањата на лабуристите и дека неговата партија е „подготвена за она што следува“.

Просекот на сите анкети во текот на седумте дена до 3 јули им дава на лабуристите 39 отсто од гласовите, 18 отсто пред конзервативците со 21 отсто, по што следуваат десничарската популистичка Реформ УК со 16 отсто, центристичките либералдемократи со 11 отсто и Зелените со 6 отсто.

Анализата на анкетите што ги спроведе Сурвејшн покажа дека лабуристите добиваат 484 од 650 места во парламентот, многу повеќе од 418-те на поранешниот лидер на Лабуристичката партија Тони Блер на изборите во 1997 година.

Се прогнозира дека конзервативците ќе освојат само 64 места, што би било најмалку од основањето на партијата во 1834 година. Другите анализи покажаа помали разлики меѓу двете партии, но немаше поинаков целокупен исход.

Кампањата на Стармер беше градена околу ветувањето за „промена“, засновано на незадоволството на граѓаните од јавните услуги и падот на животниот стандард, што е симптом на нестабилна економија и политичка нестабилност.

Сунак се обиде да ги убеди гласачите дека во 20-те месеци откако ја презеде функцијата ја ставил економијата на нагорна патека по пандемијата на ковид-19 и војната во Украина и дека ги окончал повеќегодишните превирања што го обележаа владеењето на неговите конзервативни претходници.

Тој предупреди дека Стармер ќе мора да ги зголеми даноците за да ја спроведе својата агенда за промени и дека колку е поголема неговата победа, толку похрабро ќе ги зголеми даноците, уште повеќе од најавеното.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ