Претседателот на Бразил, домаќинот на самитот на Г20 во Рио де Жанеиро, ќе се обиде да направи чекор напред во плановите за оданочување на најбогатите светски милијардери, кои често користат дупки во законите за да избегнат плаќање даноци.
На јулската конференција на министрите за финансии на Г20, исто така во Рио, најбогатите земји во светот се сложија да почнат „дијалог за праведно и прогресивно оданочување, вклучувајќи ги ултра богатите поединци“, и покрај силното противење на Соединетите Американски Држави и без оглед на кризата на германската влада.
Иако се очекува главните теми на дводневниот самит да бидат геополитичките проблеми – конфликтот во Украина и Појасот Газа во сенката на вториот мандат на Доналд Трамп, како и трговијата со Кина – Лула се надева дека ќе се направи чекор напред во оданочувањето на богатите.
Парите собрани од милијардерите би помогнале во решавање на други итни глобални прашања.
Планот кој го смислил францускиот економист Габриел Зукман предлага годишен данок од два отсто на вкупната нето вредност на имотот на многу богатите, а не само на нивниот годишен приход. Тоа би вклучувало недвижнини, акции и други инвестиции.
Зукман проценува дека најбогатите 0,01 отсто од светската популација плаќаат ефективна даночна стапка од само 0,3 отсто на своето богатство.
Со новите даноци би можеле да се соберат до 250 милијарди долари од речиси 2.800 милијардери низ светот, чие вкупно богатство е проценето на околу 13,5 билиони долари, според Форбс.
Собраните средства би се користеле за ублажување на растечката глобална нееднаквост, особено во презадолжените земји со ниски приходи, вклучувајќи многу африкански земји.
На денешната церемонија на отворање во Рио ќе биде формирана Глобалната алијанса против гладот и сиромаштијата, иницијатива на бразилското претседателство со Г20, чија цел е забрзување на напорите во борбата против сиромаштијата и гладот до 2030 година.
Бразилската влада е главен заговорник на предложениот данок за ултра богатите, заедно со Франција, Шпанија и Јужноафриканската Република. Сепак, долниот дом на бразилскиот парламент минатиот месец ги отфрли плановите за дополнителен домашен данок на богатство.
Во Бразил, како и во целиот свет, богатите често го кријат имотот од даночните власти со отворање фиктивни компании во земји со ниски или никакви даноци, користејќи ја банкарската таинственост или формирајќи фондови кои нудат големи даночни олеснувања.
Додека ставовите на Кина и Индија за овој данок се нејасни, Вашингтон е цврсто против. Американската министерка за финансии Џенет Јелен изјави за Волстрит џурнал во мај дека оваа мерка е „нешто на што не можеме да се согласиме“.
Идниот претседател Доналд Трамп сè уште не се изјаснил за предлогот, но малку е веројатно дека ќе поддржи зголемување на даноците за ултра богатите.
Лула има слаби шанси да постигне значителен напредок за време на дводневниот самит, особено поради тоа што ќе доминираат геополитичките теми.