недела, 20 октомври 2024

Боки 13 не го донеле од затвор, татко му не добил покана, одложена седницата за „Меѓународен сојуз“

Јавната седница пред Апелациониот суд Скопје за случајот „Меѓународен сојуз” што требаше да се одржи денеска се одложи за 15 декември.

Објавено на

часот

Сподели

На денешната седница во судот присутна беше само обвинетата Јасна Ерцеговиќ и адвокатите Стеван Павлески и Владимир Туфегчиќ, како и јавниот обвинител Бурим Рустеми.

Судијата Зоран Димитриевски, констатираше дека обвинетиот Бојан Јовановски е уредно поканет, но не е спроведен од затворот Идризово, додека неговиот татко, обвинетиот Миле Јовановски не беше присутен, а судот немаше доказ дека тој добил уредна покана.

„Имајќи го предвид наведеното, советот оцени дека не се исполнети законските обврски за одржување и се одлага за 15 декември“, информира Димитриевски.

Судијата, на почетокот информираше дека до судот пристигнале два поднесоци со барање за одложување на денешната седница.

На 30 октомври годинава обвинетиот  Бојан Јовановски – Боки 13 доставил известување до судот со барање за одлагање на јавната седница, со образложение дека неговата здравствената ситуација подразбира исклучиво строг третман во траење од десет дена и истиот завршува на 8 ноември. Од тие причини, а со оглед на барањето лично да присуствува на јавната седница и да ги елаборира жалбените наводи Јовановски побара од судот да одреди нов термин за јавна седница. 

На 2 ноември годинава пак, судот примил уште еден допис од адвокатот на Бојани Миле Јовановски и на Христина Блажеска со барање за одлагање на јавната седница со образложение дека во истиот термин е ангажиран како бранител на четири обвинети во друг, итен предмет. 

Судењето за „Меѓународен сојуз“ заврши на 7 април 2022 година. Судечкиот совет при Основниот кривичен суд – Скопје определи вкупно 14 години затвор за обвинетите и тоа единствена казна затвор во траење од девет години на првообвинетиот Бојан Јовановски за измама и перење пари и други приноси од казниво дело. Обвинетата Јасна Ерцеговиќ, исто така, е прогласена виновна за измама и перење пари и други приноси од казниво дело со што судот ѝ определи единствена казна затвор од четири години во која се смета и времето поминато во куќен притвор.

Судечкиот совет ги ослободи од обвинение за измама обвинетите Фросина Ташевска Ременски и Христина Блажеска, но на Блажеска продолжи да ѝ се суди за перење пари и беше осудена на казна затвор од една година. Судот на обвинетиот Миле Јовановски за кривично дело перење пари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи го осуди на единствена условна казна затвор од две години која нема да се изврши ако обвинетиот во рок од пет години по правосилноста на пресудата не стори кривично дело. Невладината „Меѓународен сојуз“ судот ја осуди со казна од еден милион денари. 

Судењето го водеше судијката Софче Гаврилова – Ефремова, а застапник на обвинението е обвинителката Ивана Трајчева.

Според обвинението, во периодот од 8 јули 2017 година до 13 април 2018 година првообвинетиот, како претседател на обвинетата невладина организација „Меѓународен сојуз“, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, ги искористил документите од организацијата и довел и одржувал во заблуда две оштетени лица. Тој лажно прикажувал дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилен сервис, како и субвенции од страна на државата и оштетените вака доведени во заблуда на штета на својот имот му исплатиле преку Македонска авторска агенција износи кои надминуваат значителна вредност, и тоа 719 905 евра, односно 233 821 евра во денарска противвредност. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ