петок, 8 ноември 2024

Бившите амбасадори распалија по ЕУ: Неправда кон Македонија

Оваа одлука на ЕУ колку и да изгледа принципиелна заради неисполнување на „условот на условите“ е срамна и понижувачка за нас. И никој од нашите политичари барем јавно не спомена дека тоа е неправда. Наведнаа глава и рекоа така треба, самите сме си виновни и крај, пишува на својот фејсбук-профил поранешниот амбасадор и член на СДСМ Ѓорѓи Спасов за одлуката на ЕУ за почеток на преговорите за членство со Украина и Молдавија, но не и со Македонија. И неговиот колега Благој Зашов се надоврзува и вели дека „на европските земји вклучително и на Бугарија им пречи воопшто постоењето на македонска држава“.

Објавено на

часот

Сподели

ЕУ вчера донесе одлука Украина, земја која е во војна, да почне разговори за членство во ЕУ, веројатно во знак на солидарност со неа. Одлука е донесена и за Молдавија. Преговори ќе почне и Албанија, а одамна ги имаат почнато Србија и Црна Гора.

Македонија која како слеп за стап се придржува до надворешната политика на ЕУ и од 2005 кога доби кандидатски статус е оценувана и преоценувана, која го смени името за таа цел , која е членка на НАТО кое се сметаше како предворје за членство во ЕУ нема да ги почне преговорите затоа што во зададениот рок не го променила Уставот, вели Спасов.

„Никој не смееше тој услов да направи да биде услов над условите. Амбасадорот на Холандија ни кажа в лице дека тоа не бил дел од договорот со ЕУ, туку наша обврска преземена од разговорите со Бугарија.

И никој во ЕУ не се запраша, а што ќе се случеше ако исполнувањето на тој услов кој од Македонија не се отфрла се одложеше за подоцна, а Македонија сепак да ги почне разговорите со ЕУ.

Не е јасно дали од наша страна е побарано такво нешто и дали Бугарија и ЕУ такво нешто одбиле. Не е јасно дали нашите дипломати објасниле дека со ваква одлука се наградуваат само оние кои го блокираат членството на Македонија во ЕУ.

Им дава ли ЕУ и Бугарија на тие сили аргумент дека се успешни во нивната политика.

Или, некој сметал дека за сега е доволно вината да се гледа само во оние што од кои било причини за сега се против промената на Уставот.

Можеби сметале дека вака негативна одлука на ЕУ дополнително ќе ги зголеми и мотивира силите на проевропски фронт во Македонија, па без почнати разговори ќе се постигне подобар резултат против антиевропските сили.

Како и да е. Оваа одлука на ЕУ колку и да изгледа принципиелна заради неисполнување на „условот на условите” е срамна и понижувачка за нас. И никој од нашите политичари барем јавно не спомена дека тоа е неправда. Наведнаа глава и рекоа така треба самите сме си виновни и крај. Како да имаат страв дека оние во ЕУ ќе се навредат или дека ќе ни најдат уште некоја грешка.

Никој не беше убеден дека со евентуалното одложување на исполнувањето на овој услов и со почнувањето на разговорите Македонија ќе станеше преку ноќ членка на ЕУ, но тоа ќе ја одржуваше надежта кај граѓаните дека има светло на крајот од тунелот и дека тоа светло со сигурност не е некој друг воз.

Митот за ЕУ како сојуз на држави кој има разбирање за слабите и проблемите на помалите земји и во тешки моменти покажува солидарност кон нив, кај нас за жал исчезнува и води кон нови разочарувања. Тоа со финансиска подршка и со сувопарни лекции на евроамбасадорите кај нас за тоа дека не сме добри ученици не се поправа. Затоа евроскептицизмот ќе расте и кај најдобронамерните“, напиша Спасов на својот фејсбук-профил.

На ова се надоврза и Благој Зашов, поранешниот амбасадор и член на кабинетот на поранешниот претседател Киро Глигоров.

„На европските земји вклучително и на Бугарија им пречи воопшто постоењето на македонска држава. Се мислеше дека со Букурешкиот и со Парискиот договор Македонија дефинитивно е поделена и македонското прашање решено. АВНОЈ, НОБ и АСНОМ овозможија да се реализира идеалот на македонските револуционери за македонска држава, прво како една од југословенските републики, а со референдумот од 1991 и како самостојна, суверена Република Македонија. По 1991 сите соседни држави почнаа секоја посебно да бараат по нешто од Република Македонија. И тие барања дефинитивно не се реализирани. За приемот во НАТО направивме тежок и скап компромис со Грција. За афтокефалност на МПЦ-ОА направивме компромис со Србија (СПЦ), за Албанија направивме двојазичност на државата, а за прием во ЕУ се бара тежок компромис со Бугарија. Можеше и ЕУ да направи дополнителен напор во убедувањето на Бугарија дека и за неа е добро Македонија да ја одржи втората конференција и да ги почне преговорите. Вака процентот на про ЕУ во Македонија уште повеќе ќе се намали“, напиша Зашов.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ