И за прв пат, доброволците – цивили што им се приклучија на вооружените сили по почетокот на војната – сега сочинуваат најголем дел од луѓето убиени на бојното поле од почетокот на руската инвазија во 2022 година.
Секојдневно низ цела Русија во медиумите и на социјалните мрежи се објавуваат имињата на руски војници што загинале во Украина, нивните некролози и фотографии од нивните погреби.
Рускиот разгранок на Би-би-си и независната веб-страница Медиазона ги собрале овие имиња, заедно со имиња од други отворени извори, вклучително и официјални извештаи.
„Проверивме дали информациите биле споделени од властите или од роднините на загинатите – и дали тие се идентификувани како загинати во војната“, вели британскиот сервис.
Новите гробови на гробиштата, исто така, помогнале да се дојде до имињата на војниците убиени во Украина – тие обично се обележани со знамиња и венци испратени од Министерството за одбрана.
Би-би-си идентификувало имиња на 70.112 руски војници убиени во Украина, но се верува дека вистинскиот број е значително поголем. Некои семејства не ги споделуваат јавно деталите за смртта на своите роднини – а анализата на Би-би-си не вклучува имиња што не можеле да ги проверат, ниту загинатите од милицијата во окупираните од Русија Доњецк и Луганск во источна Украина.
Најголем е бројот на загинати волонтери
Од нив, 13.781 биле волонтери – околу 20% – а бројот на загинатите волонтери сега ги надминува другите категории. Загинатите поранешни затвореници, кои се приклучија во замена за помилување за нивните злосторства, претходно беа во највисок број, но сега тие претставуваат 19% од сите потврдени смртни случаи. Мобилизираните војници – граѓани повикани на борба – се 13%.
Од октомври минатата година неделниот број на загинатите волонтери не се спуштил под 100 – а во некои недели биле забележани и повеќе од 310 загинати волонтери.
Што се однесува на Украина – таа ретко го коментира бројот на своите војници загинати на бојното поле. Во февруари, нејзиниот претседател, Володимир Зеленски, рече дека се убиени 31.000 украински војници, но процените на американските разузнавачки служби укажуваат на поголеми загуби.
Според податоците што ги анализирало Би-би-си, повеќето мажи што се пријавиле доаѓаат од мали градови во делови на Русија каде што е тешко да се најде стабилна, добро платена работа.
Се чини дека повеќето доброволно се приклучиле, иако некои во Република Чеченија им рекле на активистите за човекови права и адвокатите дека биле предмет на принуда и закани.
Некои од волонтерите рекле дека не сфатиле дека договорите што ги потпишуваат немаат краен датум, и оттогаш се обратиле до провладините новинари да побараат помош од нив да ја прекинат нивната служба, но без успех.
Повеќето од волонтерите што умираат на фронтот се на возраст меѓу 42 и 50 години. Најстариот убиен доброволец имал 71 година – во војната загинале вкупно 250 доброволци постари од 60 години.
„Мелница за месо“
Зголемените жртви меѓу волонтерите делумно се должат на нивното распоредување во оперативно најопасните области на линијата на фронтот, особено во регионот Доњецк на исток, каде што го формираат столбот на засилувањата за исцрпените единици, рекле руски војници за Би-би-си.
Руската стратегија „мелница за месо“ продолжува со несмалено темпо, според руските војници со кои разговарало Би-би-си. Терминот се користи за да се опише начинот на кој Москва немилосрдно испраќа бранови војници во јуриш во обид да ги исцрпи украинските сили и на руската артилерија да ѝ ги изложи нивните локации. Снимките од беспилотни летала споделени на интернет покажуваат дека руските сили ги напаѓаат украинските позиции со мала или без никаква опрема и без никаква помош од артилерија или воени возила.
Официјалната студија на главната воено-медицинска управа на руското Министерство за одбрана вели дека 39% од смртните случаи на војници се резултат на повреди на екстремитетите и дека стапката на смртност би била значително подобрена кога првата помош и последователната медицинска нега би биле подобри.
Мал број од убиените доброволци се од други земји. Би-би-си ги идентификувало имињата на 272 такви мажи, од кои многумина биле од Централна Азија – 47 од Узбекистан, 51 од Таџикистан и 26 од Киргистан.
Минатата година се појавија извештаи дека Русија регрутира луѓе во Куба, Ирак, Јемен и Србија. На странците што веќе живеат во Русија без валидни работни дозволи или визи, кои се согласуваат да „работат за државата“, им се ветува дека нема да бидат депортирани и им се нуди поедноставен пат до државјанство доколку ја преживеат војната. Многумина подоцна се пожалиле дека не ги разбираат документите – исто како и руските граѓани, и тие за помош се обратиле до медиумите.
Владите на Индија и Непал ја повикаа Москва да престане да испраќа нивни граѓани во Украина и да им ги врати телата на загинатите. Засега не е постапено по повиците.
Многу нови регрути што ѝ се приклучиле на војската ја критикуваа обуката што ја добиле, вели Би-би-си. Еден човек што потпишал договор со руската армија во ноември минатата година рекол за британскиот медиум дека му била ветена двонеделна обука на стрелиште пред да биде испратен на фронтот.
„Во реалноста, луѓето само беа исфрлани на вежбалиштата со слаба опрема“, рече тој, додавајќи дека опремата била лошо направена.
„Нѐ качија во возови, потоа во камиони и нѐ испратија на фронтот. Околу половина од нас беа фрлени во битка директно од камион. Како резултат на тоа, некои луѓе за само една недела од канцеларијата за регрутирање стигнаа на фронтот“, вели тој.