петок, 11 октомври 2024

СОКОМ ќе ја додели наградата „Георги Божиков“ за 2023

На Пијано триото во состав Татјана Петрушевска-Караскаковска – обоа, Марјан Милошевски – фагот и Петар Макариевски – пијано, во Филхармонијата вечер ќе  му биде доделена наградата „Георги Божиков“ за 2023 година, во рамки на 47. „Денови на македонска музика“.

Објавено на

часот

Сподели

Сојузот на композитори на Македонија – СОКОМ  ја доделува традиционално оваа награда на музички уметници и ансамбли за најуспешни изведби на дела од македонски композитори во текот на изминатата година.

Одлуката годинава ја донесе комисија во состав: проф. д-р Стефанија Лешкова-Зеленковска, музиколог, д-р Мирјана Павловска-Шулајковска, музиколог, и проф. д-р Валентина Велковска-Трајановска, композитор.

Како што информира СОКОМ, Пијано триото е составено од тројца етаблирани музичари: Татјана Петрушевска-Караскаковска, прва обоа во оркестарот на НОБ, Марјан Милошевски, прв фаготист во оркестарот на НОБ и професор по фагот на ФМУ, и Петар Макариевски, уметнички соработник при ФДУ.

Триото е формирано во 2014 година и првиот настап го има на концертот и промоцијата на аудио изданието во чест на флејтистот Илија Зимбо во Скопје.

„Во годините потоа, триото одржа концерти во речиси сите градови низ Македонија. Во 2022 година, македонските композитори Вања Николовски-Ѓумар и Филип Иванов напишаа дела специјално за ансамблот, кои својата светска премиера ја имаа на Фестивалот на камерна музика во Нови Сад – град што во 2022 година го носеше признанието Европски град на културата“, наведува СОКОМ.

Во ноември 2022 година, триото настапи на фестивалот „Есенски музички свечености“ со рецитали од светската музичка литература, а минатата 2023-та композиторите Костадин Делиниколов и Горан Начевски посветија свои композиции на триото.

„Пијано триото се одликува со изразен и моќен звук, интерактивност, прецизност и виртуозност во изведбата. Составот од обоа, фагот и пијано им овозможува на членовите на ансамблот да истражуваат широк спектар на репертоар, кој вклучува како класични композиции, така и премиерни изведби на дела од различни епохи и форми. Секоја нивна изведба е обележана со највисок уметнички дострел“, соопшти Сојузот на композитори на Македонија.

Во рамки на фестивалот „Денови на македонска музика“, концерт вечер ќе има оркестарот на Македонската филхармонија кој ќе го води диригентот Томас Херцог од Швајцарија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ