„За 120 роденден на современа Македонија, како дополнување на сите редовни, актуелни и јавно искажани желби за развој и просперитет на мојата најсакана земја, имам и една голема и специфична роденденска желба. Посакувам вадењето македонски пасош, тој врвен израз на нашата заемна поврзаност, обврзаност и лојалност со македонската држава, да стане процес кој е соодветен на нивото на таквата врска. Посакувам тоа да личи на современа европска држава, па уште и кандидатка за членка во ЕУ, а не налик на најретроградна полициска држава која ужива да го понижува, репресира, гази и измолзува својот суверен. Посакувам со електронската апликација за закажување за пасош и други (лични) документи МВР да не си игра икс-нула со граѓанството, а ако веќе си игра, МВР да му исплаќа на граѓанството за таквото им административно-садистичко задоволство, а не уште и да го товари со разно-разни уплати и такси, за кои сѐ помалку би имало, оти закажувањето одзема неоправдано многу време, што пак ја намалува сеопштата продуктивност на земјата, како и креирањето нова вредност и пари. Ем алчно дерење, ем тупаво за како се прават пари за да се земат пари, е тоа да видиш.
Патем, апликацијата ги исполнува сите фамозни клишеа и вицови за полицијата оти е најглупавата и најбрука од апликација која е смислена, просто да не ти се верува дека тоа е официјална државна апликација, и дека таквата му се нуди на граѓанството без срам и перде, чиниш граѓанството не знае и не видело како изгледаат и како функционираат други апликации за закажување и слично, од термини и седишта за во кино и за на концерт, па натаму. Зарем до толку не ве бива, или до толку оди умислената ароганција и играњето дрндупки со граѓанството”, прашува Ристова Астеруд за која просториите и кабините кај МТВ се комбинација на хорор, грозотија и грдотија.
„На сам влез одма ‘рика’ од несреден простор, неискосена трева во која летно време ништо чудно и змии да најдеш, скраја хортикултурно средување, па тоа скалите сите испокршени, нога да шинеш, и тоа како најблага варијанта што може да ти се случи на качување-симнување, па ѓубришта тон улево-удесно од влезот. Внатре никаква соодветна вентилација и регулирање на квалитетот и температурата на воздухот, ако не за граѓанството, барем од грижа за вработените. Ѕидовите нечисти – нечисти, неискречени којзнае од кога, стаклата исто, подовите, пултовите, ма сѐ, да ти се поврати, а малтене само од еден месец уплати и административни такси може просториите со Сваровски кристали да ги полеат, не пак со обична фарба, а сѐ другото да ти заличи небаре влегуваш во вселенски брод. На еден гипс-ѕид од кабина дури и дупка, како од тупаница, одма да ти оди мислата дека тоа од некој кутар сограѓанин на кој му ‘пукнало’ како во една од приказните во аргентинско-шпанскиот филм ‘Бесни приказни’ (Relatos Salvajes/ Wild Tales)”, пишува Ристова Астеруд за која за однесувањето на вработените нема нешто посебно и различно да се елаборира.
„Тоа е сѐ по стандардите на ‘аки комунитер’ за државната администрација, ама она што е ‘наше наследство’, да не се збуните со она на ЕУ, и строго без протокол како треба во отпоздравувањето и обраќањето кон Суверенот/граѓанството, и стого на ‘ти’, инстант ‘интимизација’, а со функција на себедоделена лиценца за практикување непрофесионален однос, ако не и полошо. Се подразбира, сето тоа не е по res publica -логика и вредност, туку по невидена и недозволива во евро/западот res arcana, оти сите они се вршители на државно-јавни овластувања, а со анонимен, ма скриен, идентитет, ма безимени, ниту нивната персонификација на самата држава ја има на видно место по канцеларии, ниту носат беџови. Секако, и на мали деца им е јасно дека сето тоа е за максимум ‘слободија’ и маневарски простор за секакво непрофесионално, неетичко и незаконско однесување, за максимум отежнување на идентификација за одговорност. Фали уште од оние нинџа-маските сите да си стават, па да биде уште појасна арканската суштина, а и каква антитеза се на сѐ пишано во Уставот, а и како потсетување кои тоа други ентитети функционираат со анонимен/скриен индентитет, без легална и стого регулирана функционалност за обратното (читај, само криминални здруженија и криминални индивидуи за различни облици криминал, од разбојништва и грабежи, преку физички напади, силувања и убиства, па сѐ до тероризам, воени злосторства и злосторства против човештвото). Сега само ќе изразам разбирање, сочувство и почит на, за жал, малиот број тамошни вработени, кои, и покрај лошите услови за работа, си ја вршат професионално работата, со почит, а богами и со трпение со граѓанството. Имаш една крајност на службеничка која му се дере на едно семејство со мали деца оти ја прашале родителите каде е друга една службеничка, иако истата ја нема во канцеларија повеќе од половина час по паузата, до друга крајност на униформиран полицаец кој буквално е растегнат од граѓанство со прашања во тој резил од организација и сеопшта деградација, малтретирање и недостоинство, а тој цело време шприцер, љубезен и со насмевка упатува, регулира, одговара, како и службеничка која осум часа дише нездрав воздух во дупка-кабина без прозор или барем прочистен воздух, а сепак сака да ве слика убаво да изгледате на сликата за возачка”, порачува Каролина Астеруд која очекува дека политичкото претставништво на граѓанството во Собранието, нашите почитувани народни избраници, нашите пратенички и пратеници, освен големите теми” и „високите политики”, не смеат да ја испуштаат топката и за овие наводно „мали теми”, иако воопшто не се тоа, ако си ја разбираат работата и мандатот што им е.
Таа бара реакција и од ценетите медиуми и новинар(к)и.
„Еве и една идеја: за сето погоре пишано, на следната парламентарна билатералка со Европскиот парламент, да сум на нивно место, ќе инсистирам и на теренска посета на европратениците на пасошко во МТВ. Наместо тоа лажгите без опашки по скринингшетанции во Брисел на МВР-функционер(к)и, да им се овозможи на европратениците самите да си осведочат со сите свои сетила како оваа надежна држава – кандидатка се однесува со самото јадро на проблематиката на својот суверен и суверенитет, на својата државност, и суштински и симболично, а со сериозни импликации и за нивните, ако се разбира што/како е ЕУ и како функционира, секако, ако ни се дозволи влез внатре ЕУ, и ни се делегира доверба да се грижиме и за нивните. Впрочем, ништо чудно што во такви институционални услови како гореопишаните ни се случија сериозни скандали со тоа на кој сѐ му се дава/ло македонско државјанство и пасош. Едноставно, нема кој и што да потсетува за кого и на што всушност работат, и кого и што треба да отелотворуваат. Таква дупка и биртија ли да ги потсетува и само/ дисциплинира? Ништо чудно и визниот режим да ни го вратат, а други земји скраја да не стават на безвизен – па кој да има доверба во држава што вака тера со процес и простории каде се издаваат пасоши, ај сите други документи?! Јас, еве, да сум на нивно место, ни под точка разно тоа, како да се има доверба во ‘такви’? Но, којзнае, може до 121 роденден на Македонија ќе ми се исполни оваа моја роденденската желба за неа”, пишува Ристова Астеруд за административното царство на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.