сабота, 30 ноември 2024

Алтернатива за Германија планира излез од ЕУ и формирање нова европска заедница

Крајно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) планира својата изборна програма да ја заснова на напуштање на Европската Унија, Парискиот договор за климатските промени и еврото, објави германската новинска агенција ДПА, пред предвремените избори најавени за февруари.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Политиките се наведени во нацртот на партиската програма за кој членовите на партијата ќе расправаат и гласаат на националното собрание на 11 и 12 јануари.

Документот од 85 страници повикува и на построги закони за абортусот, укинување на економските санкции против Русија и поправање и реактивирање на гасоводот Северен тек, преку кој евтиниот природни гас од Русија стигнуваше во Германија.

Што се однесува до еврото, нацрт програмата истакнува дека Германија „мора да го прекине погрешниот пат на спасување (други земји) со повторно воведување национална валута“.

„Сметаме дека за Германија е нужно да ја напушти Европската Унија и да формира нова европска заедница“, се истакнува во документот.

АфД ја обвинува ЕУ дека во изминатите години засилено се обидува да се преобликува во „супердржава со планска економија“.

Манифестот на партијата објавен пред изборите за Европскиот парламент во јуни содржеше слични пораки, но не повикуваше на излегување на Германија од ЕУ.

Нацрт програмата содржи и напуштање на Парискиот договор за намалување на стакленичките гасови. „Наводниот научен консензус“ за климатските промени кои ги предизвикува човекот е политички конструиран, се тврди во текстот.

Со истакнување на „култура посветена на децата“, АфД во нацртот заговара законски ограничувања на абортусот.

„Кога внимателно ќе се измерат интересите, абортусот мора да остане како апсолутен исклучок, на пример во случај на кривични или медицински индикации“, се истакнува во текстот.

Во нацртот се предлага трудниците да бидат законски обврзани да гледаат слики од ултразвукот на детето за време на советувањата за абортус „за да бидат свесни за фазата на развојот на детето“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ