„Недостатокот од пишана критика и потребата од афирмација на критичко делување во контекст на современата уметност, е основниот поттик за овој конкурс. Конкурсот е отворен за проекти кои ликовната критика ќе ја препознаат како практична дисциплина која теориски ја интерпретира тековната уметничка продукција и иницира нејзината артикулација во контекст на современите уметнички продукции“, информираа од АИКА Македонија.
Наградата го носи името на Ладислав Баришиќ, ликовен критичар и историчар на уметност, кој во рамките на ликовната публицистика бил активен во периодот од 1972 до 1986. Тој е автор на текстови во кои критичарскиот став кон одреден културен настан се одликувал првенствено со отпор кон априорното мислење својствено за догмите на времето во кое создавал.
Право за учество имаат сите историчари на уметноста, критичари, теоретичари, интердисциплинарни истражувачи и други профили на креативни автори поврзани со ликовните и визуелните уметности во Македонија, освен членовите на управниот одбор на АИКА Македонија. Кандидатите треба да се граѓани на Република Македонија или пак странски државјани кои живеат и работат на територијата на Република Македонија повеќе од една година.
Наградата е во висина од 30.000 денари бруто износ, и за неа ќе одлучува тричлено стручно жири. Конкурсот е отворен од 26 април и трае до 1 јуни 2023. Кандидатите треба да достават опис на предложениот проект и методологија на неговата реализација (не повеќе од 1500 збора) и биографија или доколку станува збор за група истражувачи на сите поединечни членови на истражувањето.
Наградениот проект треба да биде изработен до крајот на декември 2023. наградениот проект ќе биде претставен на годишниот симпозиум на АИКА Македонија. Истражувањето ќе биде објавено на веб порталот на АИКА Македонија.
Добитникот на наградата ќе биде известен најдоцна до 15 јуни 2023 година.
Материјалите треба да се испратат на следната адреса [email protected] .