сабота, 2 ноември 2024

АХВ се премисли, сомнителните коцки за супа на Подравка не се продавале на македонскиот пазар

На македоснкиот пазар не се продаваат небезбедни коцки за супа од хрватската компанија Подравка од Копривница, информира во најновото соопштение Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) откако вчера на два пати, прво соопшти дека Агенцијата не е известена дека на пазарот се пласирани небезбедни говедска и пилешка коцка за супа, за неколку часа подоцна да информира дека АХВ „почна итна постапка за повлекување од пазарот на потенцијално небезбедни коцки за супа од Хрватска, поради можно присуство на туѓо тело“. Денешното најново соопштение на АХВ доаѓа откако Подравка Петровец информираше дека посочените коцки за супи се скалдирани во магацините на фирмата во Скопје и тие воопшто и не биле дистрибуирани на македонскиот пазар.

Објавено на

часот

Сподели

„Во врска со шпекулациите објавени на социјалните мрежи дека на пазарот се продаваат небезбедни производи, коцки за супа, Aгенцијата за храна и ветеринарство ја информира јавноста дека во врска со добиеното известување за увезени потенцијално небезбедни производи – говедска коцка за супа на производителот Подравка, серија 0507241, со рок на употреба до 5 јули 2025 година и пилешка коцка за супа серија 0307241, со рок до 3 јули 2025 година, по спроведениот вонреден инспекциски надзор во магацин на компанијата увозник, утврдено е дека целокупното увезено количество од производите со посочените серии и рокови на употреба не е пуштено во промет, односно, потенцијално небезбедните производи се наоѓаат во магацинот на увозникот“, информираат од АХВ.

Ваквото денешно соопштение не соодветствува со она од вчера, во кое АХВ информираше дека, Агенцијата „почна итна постапка за повлекување од пазарот на потенцијално небезбедни коцки за супа од Хрватска, поради можно присуство на туѓо тело“.

Но, и ваквото соопштение на АХВ не соодветствува со првичното објавеното исто така вчера, но рано утрото во кое меѓу другото беше наведено дека до 31 јули утрото АХВ немала добиено известување преку Системот за брзо известување за безбедна храна и храна за животни на ЕУ (РАССФ), дека на македонскиот пазар се пласирани небезбедни производи говедска и пилешка коцка за супа од хрватската компанија Подравка од Копривница.

Денешното најново соопштение на АХВ доаѓа откако Подравка Петровец информираше дека посочените коцки за супи се скалдирани во магацините на фирмата во Скопје и тие воопшто и не биле дистрибуирани на македонскиот пазар.

„Во согласност со својата праксa за општествено одговорно работење и односи со
потрошувачите, компанијата Подравка, a по извршениот инспекциски надзор од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), ги известува своите потрошувачи дека производите: говедска коцка со серија 0507241, со рок на употреба до 5 јули 2025 година и пилешка коцка со серија 0307241, со рок до 3 јули 2025 година, се наоѓаат во магацините на Подравка Македонија и воопшто не се дистрибуирани во малопродажната мрежа. Воедно, по добиените официјални информации за потенцијална контаминација поради механичко оштетување на машината за производство на масни коцки кај производителот во Република Хрватска, во магацинот на Подравка Македонија беа блокирани и двата вида на масни коцки, со упатство за суспендирање на било каква дистрибуција во малопродажната мрежа. Потрошувачите треба да бидат спокојни бидејќи Подравка, како општествено одговорна компанија, им гарантира дека спорните серии масни коцки воопшто не биле пуштени во промет“, пишува во демантот на Подравка Петровец.

Според податоците на АХВ, станува збор за 2.400 парчиња говедска коцка за супа од по 120 грама увезени на 15 јули 2024 година и исто количество пилешка коцка за супа увезени на 16 јули 2024 година.

„Инспектор за храна на АХВ по спроведениот вонреден надзор на операторот со храна му издаде забрана за пуштање во промет на наведените производи и нареди нивно нештетно уништување на депонија“, информираа денеска од АХВ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ