петок, 18 октомври 2024

Зошто Косово не е дел од ОБСЕ?

Објавено на

часот

Сподели

Најголемата регионална безбедносна организација во светот во моментов има 57 земји членки, кои се простираат на три континенти: Европа, Северна Америка и Азија.

Меѓу нив се и земјите од Западен Балкан: Албанија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Македонија, но не и Косово.

Србија не ја признава самопрогласената независност на Косово и се противи на неговото учество во регионалните и меѓународните организации.

Околу ова прашање има поддршка од Русија, која исто така е членка на ОБСЕ.

Во оваа организација се и Грција, Кипар, Романија, Словачка и Шпанија, петте земји од Европската Унија кои не го признаваат Косово. Има и други земји надвор од европскиот континент, кои исто трака не ја признаваат независноста на Косово.

Радио слободна Европа се обратиле до министерството за надворешни работи на Косово со прашање дали планира да аплицира за членство во ОБСЕ и која е главната пречка на тој пат. Меѓутоа, не добиле одговор.

На прашањата на медиумот не одговориле ни од мисијата на ОБСЕ на Косово, иако потврдиле дека ги добиле прашањата.

Постојаниот совет на ОБСЕ реши да воспостави мисија на Косово во јули 1999 година, неколку недели по завршувањето на војната на Косово.

Што прави ОБСЕ на Косово?

Оваа мисија има водечка улога во изградбата на институциите, демократијата и човековите права на Косово.

Инаку е најголемата мисија ан ОБСЕ на терен и нејзиниот мандат е дефиниран со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, како и со Одлуката 305 на постојаниот совет на ОБСЕ.

На Косово во моментов има пет регионални центри – во Приштина, Призрен, Пеќ, Митровица и Гњилане.

На нејзиниот сајт се наведува дека мисијата е особено ангажирана во заштитата на правата на заедниците, заштитата на културното и верското наследство, надгледувањето на судството, слободата и развојот на медиумите, промовирање на механизми против дискриминацијата, унапредување на учеството на младите во политичкиот и јавниот живот и друго.

Се поддржува и примената на договорите кои произлегуваат од преговорите во рамки на дијалогот на Приштина и Белград, кој се води со посредство на Европската Унија.

На чело на оваа мисија во моментов е амбасадорот Мајкл Давенпорт, дипломат од Британија.

Косово не учествуваше на самитот во Скопје

Бидејќи не е членка на ОБСЕ, Косово не учествуваше на министерскиот состанок на оваа организација во Скопје, во Македонија.

На самитот учествуваа 6 делегации од 57 земји членки на ОБСЕ и партнерски држави.

На собирот учествуваше и државниот секретар на САД Ентони Блинкен.

Сепак, вниманието на медиумите го привлече присуството на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.

Учеството на Косово во меѓународните организации

Косово минатата година поднесе барање за членство во Советот на Европа и Европската Унија.

За речиси 16 години независност, земјата успеа да се придружи на неколку меѓународни организации, главно западни, меѓу кои се: Светската банка, Меѓународниот монетарен фонд, Европската банка за обнова и развој, Олимпискиот комитет, Европската фудбалска федерација и Светската фудбалска федерација.

Косово не е членка на Обединетите нации, Светската трговска организација, Меѓународната криминалистичка полициска организација Интерпол и други.

Косовската влада тврди дека независноста на Косово ја признаваат 117 држави.

Србија води кампања против признавањето или за повлекување на признавањето на Косово, иако Меѓународниот суд на правдата во 2010 година одлучи дека прогласувањето на косовската независност „не е во спротивност со меѓународното право“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ