Бугарите мора да влезат во македонскиот Устав како услов за преговори, но дали и колку Македонци ќе учествуваат во европските институции, дали ќе имаме комесар и уште поважно, дали македонскиот јазик ќе биде рамноправен со другите во Унијата, ќе се преговара дури откако ќе заврши целиот процес, прашуваат експертите за отсуството на поглавјата 34 и 35 од преговарачката рамка за Македонија.
Во таа рамка ги нема областите содржани во поглавјата 34 и 35, кои се однесуваат на учеството на државата во функционирањето на институциите на ЕУ, учеството во Европскиот парламент, Европската комисија, во Советот, Судот на правдата, но и употребата на јазикот. Во поглавјето 34 се преговара за признавањето на македонскиот јазик како еден од јазиците на ЕУ кои ќе биде рамноправен со останатите јазици.
И Драган Тилев, државен советник за европски прашања во интервју за магазинот „Економија и бизнис“ го потврдува ова.
„Преговарачката рамка за Македонија (и таа на Албанија) не го содржи поглавјето 34 со кое се преговара нашето учество во институциите на ЕУ, но и признавањето на македонскиот јазик како автентичен јазик на основните договори на ЕУ и како јазик кој рамноправно ќе се употребува во сите институции на ЕУ, што е крајно проблематично“, рече Тилев.
Претставници на власта во овие дебати постојано тврдат дека тешко се менува преговарачката рамка. За професорката Каракамишева ова станува многу проблематично.
„Точно е дека во преговарачката рамка која што е усвоена од Советот на ЕУ за Македонија, не ги содржи поглавјата 34 и 35 и посебно проблематично е непостоењето на поглавјето 34 во 6-те кластери кои се утврдени за преговори. Промената на преговарачката рамка од страна на ЕУ, речиси е и невозможно да се промени. Освен ако сите 27 земји членки не одлучат по иста постапка по која што е усвоена преговарачката рамка да се направи некаква промена“, пишува на својот фејсбук-профил универзитетската професорка Тања Каракамишева.
Ова отсуство на поглавјата од кластерите за преговори со земјите кандидати е предвидено со новата методологија што ја усвои ЕУ по притисокот од Франција, уште во 2020 година. Овие две поглавја ги нема во рамката и за Албанија. Но ги има во рамката за Србија и Црна Гора.
Според новите правила на ЕУ, поглавјата 34 и 35 ќе се отвараат пред самиот прием, односно откако целосно ќе завршат преговорите за шесте кластери.
„Нашата преговарачка рамка ја рефлектира новата методологија на поглавјата кои се поделени по 6 кластери. Поглавјата 34 Институции и 35 Други прашања се вон преговарачката рамка, за нив не се преговара, и ќе бидат третирани пред потпишувањето на договорот за пристап во ЕУ“, велат од Секретаријат за европски прашања.
Зошто тогаш сменивме име, се откажуваме од речиси сè македонско и ги задоволуваме бугарските диктати ако воопшто нема можност да учествуваме во институциите на ЕУ, прашува Каракамишева.
„Јавно ги повикувам надлежните институции, посебно надлежниот Бујар Османи и Маричиќ да ѝ објаснат на македонската јавност за што преговараме, за што ќе преговараме, ако не за наше учество во европските институции? Зошто не го објаснуват моментот со изостанувањето на поглавјето 34 па и 35 во преговарачката рамка“, вели Каракамишева.
Македонија уште нема ни започнато формални преговори со ЕУ. Власта вети уставни измени, но тие не се случија. Експертите предупредуваат дека Македонија ќе биде соочена со нови и уште потешки отстапки.