сабота, 9 ноември 2024

Финска тврди дека танкери ги лажираат своите локации во Балтичко Море, го кријат заминувањето во Русија

Финската крајбрежна стража објави дека забележува постојани пречки во сигналот на сателитската навигација во Балтичко Море од април, а во последниве недели забележала дека танкерите ги лажираат податоците за локацијата за да ги прикријат своите патувања во Русија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Финската министерка за внатрешни работи Лулу Ране кажа минатата недела дека Финска верува дека Русија стои зад нарушувањата откриени во Финска и во регионот околу Балтичко Море во сигналите на Глобалниот навигациски сателитски систем (ГНСС) и на Глобалниот позиционен систем (ГПС), кои се користат во навигацијата.

Крајбрежната стража соопшти дека пречките во ГНСС, зачестени од април во Финскиот Залив, доведоа до тоа бродовите да се губат во морето или да ја губат насоката. Финските власти мораа да ги предупредат бродовите за тоа за да ги спречат да се приближат кон островите или кон плитките води.

Крајбрежната стража кажа дека нарушувањата предизвикаа дефекти во системите за автоматска идентификација на пловните објекти (АИС) кои ја овозможуваат електронската навигација.

„Во последниве денови забележавме дека (АИС) уредите намерно се исклучени па информациите за локацијата се фалсификувани во онлајн-локациските системи… така што се покажува неточна локација за пловниот објект“, кажа за Ројтерс заповедникот на Крајбрежната стража на Финскиот Залив” Пека Нитила.

Русија веќе претходно демантираше попречување на комуникациските и на сателитските мрежи.

Нитила кажа дека фалсификувањето на локацијата е нова појава, која крајбрежната стража досега ја открила околу десет пати на разни танкери кои ги посетувале руските пристаништа околу Санкт Петербург.

„Наша процена е дека тоа е поврзано со избегнувањето на санкциите или на нивните последици“, рече тој.

Западните земји наметнаа ограничување на цената на руската сурова нафта за да ѝ го намалат на Москва приходот од продажбата на нафтата по нејзината инвазија врз Украина во февруари 2022 година.

„Ако земјата што ја купува руската нафта не сака да види дека нафтата е набавена од Русија, продавачот или пловниот објект би можеле да употребат фалсификување (на локацијата) за да изгледа дека пловниот објект не ја посетил Русија“ рече Нитила.

Крајбрежната стража соопшти дека верува дека Русија ги попречува сигналите за да ги заштити своите нафтени пристаништа сместени во источниот дел на Финскиот Залив од украинските воздушни напади или од дронови.

Нитила кажа дека финските власти ја следат растечката руска армада од застарени танкери, често нарекувани “флота во сенка“. Финска стравува дека нивната лоша состојба би можела да доведе до излевање на нафтата што би го уништило кревкиот екосистем на Балтичко Море.

Недостигот од навигациски сигнали и неидентификуваните нафтени танкери што пловат по плитките и релативно тесни маршрути на Балтичкото Море претставуваат закана за поморската безбедност и за околината, кажа тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ