Иако во Шпанија веќе се слушаат критики дека не биле предупредени за толкавиот дожд, метеоролошкиот завод Аемет уште во неделата најавувал силно невреме и прогласил тревога, пред сè на југоистокот на земјата. Но понеделникот поминал релативно нормално така што многумина продолжија, како и секогаш, да ги вршат своите обврски.
Но тогаш навистина небото се отвори: една жена на шпанската телевизија раскажа што ѝ се случило кога со кола се враќала од работа: „Сè застана, а јас бев меѓу еден камион и уште една кола. Водата почна да се крева и веќе навлегуваше во мојата кола.“
Од дождот е запрен и патниот и железничкиот сообраќај во целото подрачје: патиштата во миг се претвориле во речни порои. Низ прозорецот од автомобилот се качила на покривот: „Но водата и понатаму се креваше. Од една зграда ми викнаа да се качам на камионот. И така на камионот бев од седум и пол па сè до еден и пол во ноќта. Дома изгубивме сè. Но добро е, уште сум жива.“
За жал, тоа не може да се каже за сите жители на покраината Валенсија, но и на Андалузија и на Мурсија: спасителите неуморно се обидуваат да дојдат до сите погодени подрачја, но жртви веројатно ќе има и повеќе од 158, колку што наведоа утринава.
Еден маж сведочи: „Син ми ми прати смс-порака дека истура дожд. Подоцна и дека навлегува во неговата кола. Повеќе не знам ништо за него.“
Мобилната мрежа во почетокот функционираше, но во текот на вечерта и таа престана да работи, така што нема никакви комуникации. Околу 115.000 домаќинства останаа без струја.
Напомош дојдоа екипи од цела Шпанија. Активирана е и војската. Инго Вилја од шпанскиот Црвен крст вели дека морале да ја чекаат зората за да ја продолжат потрагата по исчезнатите. Од утринава и понатаму продолжуваат да стигнат до сите подрачја.
Имаше повеќе од 70 интервенции од воздух, и, како што се наведува, спасени се сите тие што побегнале на покривите на куќите. Меѓутоа, сосема е сигурно дека тоа не им успеало на сите.
Меѓу жртвите има најмалку четири деца, но и шест постари лица од еден старски дом.
Веќе денеска во Валенсија пристигна шпанскиот премиер Педро Санчез. Тој тукушто се врати од службениот пат во Индија. На погодените им порачува дека „цела Шпанија плаче по вас“. Прогласена е тридневна жалост.
Иако се слушаат критики дека граѓаните не се предупредени за таквото невреме, службата Аемет за погодените подрачја прогласи највисок, црвен степен на тревога, иако и специјалистите се изненадени од силината на дождот.
Тие оценуваат дека тоа беше „историско невреме“, најлошо во Валенсија во овој век. Материјалната штета е огромна. Поројот уриваше куќи и помали мостови, носеше возила и се= пред себе. Притоа, метеоролозите предупредуваат дека такви невремиња би можело да има уште.
Шпанците, всушност, знаат за Дана, метеоролошкиот феномен наесен, кога циклонот над Атлантикот ќе се соочи со влажниот воздух над сеуште релативно топлиот Медитеран. Но, Средоземно Море поради климатските промени е сè потопло. Неговата температура се зголеми за 1,5 Целзиусов степен, објаснува физичарката Мар Гомез: „Температурата на водата на Средоземно Море се качува за 20 отсто побргу отколку на остатокот на планетата. Тоа е основата на овој феномен“.