вторник, 16 јули 2024
„Очај во владиниот табор“

Злоупотреба на Аушвиц: Нервоза кај владејачките конзервативци во Полска

Објавено на

часот

Сподели

Неполни четири месеци пред парламентарните избори во Полска расте нервозата во владејачкиот конзервативен табор.

Либералниот водач на опозицијата Доналд Туск повика на протести против власта во недела (4 јуни), а тие се најавуваат како најголеми демонстрации од паѓањето на комунизмот во земјата.

Причина е спорниот закон кој овозможува формирање комисија за истражување на „руското влијание“ во Полска. Оваа комисија би можела ретроактивно на некој начин да ги лустрира политичарите, а опозицијата се сомнева дека главна цел е токму Туск, на кој би му се оневозможило да учествува на идните избори.

Навистина, по сите критики, претседателот Анджеј Дуда побара законот да се врати на доработка, но тоа нема да ги спречи масовните протести во Варшава.

Со Аушвиц на демонстрантите

Владејачката партија Право и правда (ПиС), која ја води Јарослав Качињски, крена доста прашина така што оваа среда (1 јуни) на Твитер објави видео со кое се обидува да ги одврати луѓето од излегување на улица.

Краткото видео ја прикажува влезната врата на логорот на смртта Аушвиц и потсетува дека тука се убиени повеќе од милион луѓе. Преку снимката се појавува твитот на новинарот Томаш Лис, остар критичар на власта. Лис два дена претходно напишал дека ќе се најде и некоја „комора“ за Дуда и за Качињски.

Во полскиот јазик тука најпрвин се помислува на гасна комора. Новинарот потоа се извинил и го избришал твитот, тврдејќи дека користел синоним за затворска ќелија.

ПиС сепак го искористи непромислениот твит на за неа омразениот новинар за напад врз опозицијата и врз демонстрациите. „Зарем навистина сакаш да шеташ под оваа парола?“, прашува партијата во видеото додека го прикажува спорниот твит.

Таквите провокации имаат долга традиција. Едно видео во кое дедото на Туск е обвинет дека доброволно служел во германскиот Вермахт му помогна на Лех Качињски – покојниот близнак на сегашниот властодржец – да ги добие изборите во 2005 година.

Спотовите што го прикажуваат наводното осиромашување на населението поради политиката на либералите играа пресудна улога во победите на ПиС на парламентарните избори во минатото. Меѓутоа, најновата идеја со видеото за логорот на смртта би можела да се покаже како контрапродуктивна.

Бран на згрозување поради видеото

Спотот со снимките на Аушвиц предизвика бран на огорченост. Споменподрачјето Аушвиц јавно протестираше против ова видео.

„Инструментализацијата на трагедијата на луѓето, кои во Аушвиц страдаа или умреа, без оглед на тоа од која страна на политичкиот судир, го навредува сеќавањето на жртвите“, е соопштено.

Како што се додава, видеото е „тажен показател на моралниот и интелектуалниот пад на нивото на јавната расправа“.

Критички се огласи дури и претседателот Дуда.

„Сеќавањето на жртвите на германските злосторства во Аушвиц е свето и неповредливо. Трагедијата на милиони жртви не може да биде злоупотребувана во политичката борба. Таквото дејствување е недостојно и не може да се оправда“, напиша на социјалните мрежи Дуда, кој инаку речиси секогаш стои зад потезите на ПиС.

Против „злоупотребата на холокаустот во актуелната политичка борба“ протестираа и еврејските организации во Полска.

„ПиС под притисок“

„Спотот со Аушвиц, кој протестниот марш го поврзува со антисемитските пароли, може многу да му наштети на ПиС“, напиша Михал Плочински во весникот Жечпосполита.

„Владејачката партија со тоа го растура целиот „капитал на меката моќ“ кој Полска го доби во светот со поддршката на Украина.“„Вака Полска му дава на светот аргументи дека е автократска и антисемитска, иако ова второво не е точно“, напиша овој публицист.

„Ова спорно видео сведочи за очајот во владиниот табор“, заклучи политикологот Војчех Рафаловски од Универзитетот во Варшава.

Законот што требало да го спречи Туск да се кандидира дополнително ја зацврсти опозицијата која веќе има мошне добри шанси пред изборите.

Граѓанската платформа на Туск, според последните анкети, може да смета на 28 отсто гласови, Левица на 10, а коалицијата под водство на Селанската партија на 14 отсто.

Во ПиС го бранат видеото

Кога Туск пред повеќе седмици повика на протестен марш, другите опозициски партии отпрвин реагираа прилично воздржано, плашејќи се од доминација на Туск.

Но сега сите ги повикуваат своите приврзаници во недела да излезат на улиците.

А пак владејачките го бранат својот спот во кој се употребени снимките на злогласниот логор.

„Го покажавме лицемерството на опозицијата. Тоа ги боли“, рече шефот на кабинетот на Јарослав Качињски.

„Ние само одговоривме на говорот на омраза“, изјави пратеникот на ПиС Марек Аст.

Пратеничката во Европскиот парламент Ана Залевска го подели твитот со видеото со додаток „ЗА Германија“.

Во ПиС имено тврдат дека Туск ги застапува германските интереси. За некои тој дури е германски „колаборационист“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ