петок, 18 октомври 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Зимување во Бугарија

Патот кон Бугарија започнува со автопат, макар со истрошен асфалт, продолжува со пристоен пат, за, пред Крива Паланка, да се потсетиш какви биле патиштата пред 60-70 години. Ако е некаква утеха – ситуацијата во Бугарија не е подобра, ако не е и полоша. Ваквите транспортни врски, во кои нема железница, зборуваат и за третманот што двете земји го имаат една кон друга.

Боровец е врвен скијачки центар, кој извонредно се одржува. Тие што скијале во Швајцарија, Франција, Австрија… велат дека нема потреба да одиш таму кога го имаш ова, на околу четири часа возење. За разлика, во местенцето не е препорачливо да се шета. Насекаде мраз и снег и на секој чекор може да скршиш глава. Балканска работа.

Бидејќи е зима, студи, а денот е краток, времето дозволува и телевизија да се гледа. Во хотелот, на располагање се германски, француски, руски, грчки, романски… канали. Сè освен – македонски. Исто како и во Грција, Албанија… Изненадувањето, меѓутоа, доаѓа од домашните програми. Има три фолклорни канали што емитуваат речиси повеќе македонска народна музика отколку бугарска! Или барем барабар. Во почетокот не ти се верува и само проверуваш, вртиш… и – се чудиш. Има и наши пејачи и песни, ама најголемиот број се нивни, и пејачите и песните, ама пеат – на македонски. Промовираат ново цеде на Никола Бадев, со убава српска балада, која кај нас не е позната. Песната за Рајна Поп Ѓеорѓиева завршува со… го соши бајракот и го тури знакот – смрт или слобода. И толку. Не кажува дека е за Македонија. Впрочем, речиси ниту една песна не е најавена како македонска. Ги нарекуваат – нашински.

Предводник е ТВ Родина, чие име го дава и објаснувањето. Демек, се пеат песни од татковината.

Пораката е јасна – само еден народ пее исти песни! Така е, нели, во цел свет. Овој редок феномен заслужува и внимание и – експертиза. И стручна, и политичка.

Тоа потсетува на една изложба во Тирана. Во вестите за отворањето беше речено дека изложува албанскиот сликар тој и тој, без да се каже дека е од Црна Гора. Европа без граници, што друго?

Ех, колку сме лоши соседи! Наместо да нè радува што други пеат наши песни и песни на наш, македонски јазик, нам ни пречи. Проблемот е што за нив не ќе да сме странство…

Се емитува репортажа за карневалот во Струмица, без да се каже во која држава се случува тоа. Интервјуто со заменик-градоначалникот и изјавите на жителите на градот не се преведуваат, иако грото гледачи малку или ич не разбираат…

На ТВ Европа – дебатна емисија. Водителот ја најавува темата: нова антибугарска кампања во Македонија околу Евреите. Во студиото Евреин, претседател на фондацијата „Бугарија“. Долг разговор со него. Следува муабет со професор од Тел Авив, кој претходно живеел во земјата. Зборува и пензиониран обвинител од Софија. Сите го валоризираат фактот дека Бугарија не ги депортирала своите, велат, 50 илјади Евреи. Со право, тоа високо го вреднуваат. Се тврди дека Бугарија била единствената европска држава што не ги испратила во логорите на смртта. Македонија воопшто не се спомнува. Завршува дебатата и водителот заклучува дека ете, таков бил односот на Бугарија спрема Евреите, а во Македонија се води жестока кампања!

Класичен пример дека недоречената вистина е – тешка лага. Ни повеќе, ни помалку, водителот премолче „само“ дека бугарската фашистичка власт, наместо своите, ги депортира македонските Евреи. Преку 7.000. Ако е и од ЕУ, многу е.

На ТВ СКАТ, дебата на темата Бугарија, Балканот и ЕУ во 2012. Учествуваат двајца академици и еден аналитичар. Едногласни се дека треба да се очекуваат лоши вести од Македонија, Косово и БиХ. Оценуваат дека Турција се однесува како империјална сила, а не како нормална држава и, како таква, не треба да се прими во ЕУ. За академикот Марков Балканот останува поделен бидејќи тука се вкрстуваат интересите на големите сили. Очекува радикализација на исламот во западна Македонија, Албанија, Косово, БиХ и Санџак. Неговиот колега, Минков, апелира на сојуз со Грција, а ако може и со Србија – против Македонија. Единствени се дека Македонија не смее да биде примена во ЕУ без соодветни услови. Водителот Енчев ја спомнува и антиквизацијата, која очигледно ги загрижува: поврзани со античките Македонци, не можеме да бидеме Бугари!

Сè заедно, крајно, дури непристојно антимакедонски.

Весникот „24 часа“ (од 29/12/11) повика на брзо вклучување во Европскиот регистар на заштитени марки во ЕУ, на „типичните“ нивни производи: ракија, лутеница, алва, мастика, чкембе-чорба, пача… Апелот е тоа да се стори пред Турција, Србија, Македонија… да станат членки на ЕУ бидејќи и тие ги имаат истите. „Типичните“ производи не биле баш само нивни. Ова е опомена и за нас.

Смртта на Глигоров „24 часа“ ја одбележа со „негативна“ поента дека опстојувал на тезата за македонска нација и јазик; дека „имал многубројни роднини во Бугарија, како и повеќето Македонци“, ама ги запоставил, додека сопругата Нада имала софиски корени. За телевизиите тој бил „последниот југоносталгичар, кој, со политиката на еквидистанца, настојувал да се оддалечи од Бугарија“. Прилогот завршува со – „Бог нека му прости, а има многу што“.

Ете, така стојат работите во ЕУ.

П. С. Краткиот престој во соседството покажа дека е непростлива грешка што немаме не еден, туку по неколку дописници, кои редовно и објективно ќе нè информираат што сè се случува во Бугарија, Грција, Србија, Албанија, Косово… Во соседството најлесно се чувствуваат рефлексиите на судбината, која ни ја кројат центрите на моќта.

 

Ристо Никовски

КОЛУМНИ

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ