На преговорите во Саудиска Арабија беше претставен уште еден можен мировен план кој го изработија саудиските власти и уште неколку земји. Медиумите наведуваат дека за иницијативата била информирана и Русија.
Дел од алтернативниот план што се разликува од таканаречениот „мировен план Зеленски“ е интегритетот на Украина и прекин на огнот на сите фронтови, почеток на мировните преговори под покровителство на Обединетите нации и размена на затвореници, пишува ДПА.
Ден претходно во Џеда започнаа преговорите за Украина, на кои беа поканети претставници на околу 30 земји, но не и од Русија. Своето учество го потврдија голем број земји, меѓу кои САД, Велика Британија, Јужна Африка, Полска. Од друга страна, мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор изјави дека неговата влада нема да учествува во преговорите без Русија.
Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, коментирајќи ги разговорите во Џеда, посочи дека носењето одлуки за украинската криза на политичко ниво без учество на Москва е апсурдно и глупост. Сепак, делегатите имаат „целосен простор за креативност“ да разговараат за ова прашање, нагласи таа.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека главната цел на оваа средба за Украина е „обид да се убедат претставниците на глобалниот југ барем донекаде да ја поддржат „формулата за мир“ на Зеленски, која е апсолутно неприфатлива и неперспективна.